АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НЕМА СТРУЧЕН КАДАР, НЕ ВРШЕЛА ПОПИС И НЕ ДОСТАВУВАЛА ИЗВЕШТАИ, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2024

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НЕМА СТРУЧЕН КАДАР, НЕ ВРШЕЛА ПОПИС И НЕ ДОСТАВУВАЛА ИЗВЕШТАИ, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2024Од Агенцијата реагираа дека ревизијата за 2024 претставува ревизија по случаен избор, а не сеопфатна и целосна ревизија што овозможува донесување пресудни и генерализирачки оценки за работењето на институцијата. (Фото: Агенција за филм)

    Агенцијата за филм преземала повеќе обврски од одобрениот буџет, има недостаток на стручен кадар, не вршела попис, не доставувала шестмесечни извештаи за работењето на Агенцијата до Владата, се дел од забелешките во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за извршената ревизија за 2024 година.

    Од 2021 до 2024 директор беше Бојан Лазаревски. Во 2024 беа назначени тројца директори на Агенцијата, Владимир Ангелов (6 февруари), па Даниела Станковска-Плачковска (од 31 јули, поднесе оставка на 12 декември), па Вероника Бучковска беше именувана на 19 декември. Актуелен в. д, директор, од 20 јуни годинава, е Сашко Мицевски, кој реагираше по објавувањето на извештајот за неговите претходници. Агенцијата соопшти дека имаат обврска да укажат  кога јавноста може да биде доведена во заблуда со неточни, непроверени или погрешно интерпретирани информации.

    Насловот на соопштението на ДЗР е „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“.

    Со извршената ревизија за 2024 изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Утврдените состојби со извршената ревизија за 2024, според Заводот,  упатуваат на заклучокот дека состојбите утврдени со Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2021  како и со ревизорските извештаи од претходниот период се повторуваат и утврдените слабости не се надминати. Во 2024 постои континуирана промена на раководната структура што влијае на начинот на работењето и остварување на основната цел на Агенцијата за која е формирана.

    „Агенцијата за филм во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, што исто така влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Агенцијата. Овој недостаток го надополнува преку ангажирање на лица по договор на дело без спроведена постапка за исполнетост на условите и квалификациите за соодветното работно место. Обврските по неисплатени проекти по одобрени средства од буџетот на Министерството за култура и туризам за кои се склучени договори за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм како и за фестивали бележат тренд на континуирано и значителено зголемување особено во периодот од 2022 година до 2024 година. Соодносот одобрен буџет/обврски по проекти изнесува 1:5,  што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет . Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушуваат барањата на Законот за финансиска дисциплина како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати“, стои меѓудругото во извештајот.

    Извор: Државен завод за ревизија

    Пописот на средствата, побарувањата и обврските во Агенцијата за филм не е извршен, ниту е направено усогласување на искажаната состојба во деловните книги со фактичката состојба, иако за тоа биле донесени неколку решенија. Попис не е извршен ниту во претходните години, што претставува сериозен пропуст во финансиското управување. Агенцијата, вели ДЗР,  нема изготвена Стратегија за развој на филмската дејност, со што недостигаат јасни насоки за долгорочниот развој и приоритетите во оваа област.

    Од одговорните лица до Владата не се доставуваат шестмесечни извештаи за работењето на Агенцијата, што негативно влијае на транспарентноста и отчетноста во работењето.

    Ревизорите утврдиле дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од Буџетот на Македонија. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина.

    Во текот на ревизијата е утврдено дека е извршено поништување на Конкурсот за финансирање на филмски проекти (игран, документарен и анимиран филм) без законски основ, што претставува прекршување на пропишаните процедури.

    Констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура која би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти.

    Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостасува документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства.

    Ревизорите утврдиле слабости и во следењето на динамиката на реализација и исплатата на филмските проекти, што создава ризик од нефункционална распределба и користење на буџетските средства. Евидентирано е дека е склучен договор за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност без законски основ, што претставува прекршување на законската рамка.

    „Во делот на приходите, ревизијата утврди дека се користи стара и неажурирана Методологија за утврдување на надоместоците од 2015 година, иако постојат промени во законските акти кои ја уредуваат оваа област. Агенцијата донела Одлука за определување на надомест за администрирање на филмските проекти доставени по конкурс, но истата нема законски основ и не е во согласност со постојните прописи. Исто така, е утврдено дека Агенцијата не располага со ажурирана евиденција за правните лица од кои треба да остварува приходи врз основа на својата дејност, што влијае на целосноста на финансиското известување. Не се врши ниту навремена изработка на решенија за пресметка на надоместите , што доведува до задоцнета наплата и неефикасно управување со приходите. Исто така ревизијата утврди дека продуцентите кои добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто добивка од филмските проекти. Агенцијата при тоа не го остварува своето право на учество во добивката во висина од 50% од сопственото финансирање“, вели извештајот.

    Од Агенцијата реагираа дека ревизијата за 2024 претставува ревизија по случаен избор, а не сеопфатна и целосна ревизија што овозможува донесување пресудни и генерализирачки оценки за работењето на институцијата.

    „Поради тоа, формулациите содржани во соопштението на ДЗР, особено насловот кој остава впечаток на конечна ‘осудувачка’  констатација, се несоодветни и не кореспондираат со природата на спроведената ревизија, ниту со ревизорските стандарди што важат во јавниот сектор. Дополнително, загрижувачки е фактот што во самото соопштение и во извештајот се наведени позиции кои очигледно не биле ниту проверени ниту методолошки обработени.
    Во однос на тврдењата за недоставување на целосна документација од продуцентите, Агенцијата укажува дека тоа е фактички и правно невозможно: ниту една исплата по проект не може да биде спроведена без целосно доставен, процесиран и одобрен извештај. Тоа е основен механизам на функционирањето и е недвојбено дефиниран и во законите и во процедурите на институцијата.
    Особено внимание привлекува делот за наводен ‘недостиг на кадровски капацитети’. Би требало да е општо познато, особено за ревизорски орган, дека вработувањата во јавниот сектор не зависат од волјата на институцијата, туку се регулирани преку државни политики, забрани и процедури кои важат универзално. Секое имплицирање дека Агенцијата ‘сама’ одлучува за засилување на кадарот е неточно, а тоа очигледно било игнорирано при составувањето на извештајот. Сите овие елементи упатуваат на тоа дека ревизијата за која повторно потенцираме дека беше ревизија по случаен избор – не успеала целосно да ја разбере улогата, внатрешните процеси и законските надлежности на Агенцијата за филм“, стои во реакцијата од Мицевски, каде додава дека како институција остануваат целосно отворени за соработка и подобрување на системите и процесите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира