Неделава започна чистењето на брегот на езерото Младост од тиња и сува трска. Работите ги изведува механизација од АД „Водостопанство“. Тоа е една од препораките на Хидробиолошкиот завод од Охрид за обнова на водата.
„Се врши механичко отстранување на наслагите од крајбрежјето. Машината е отстапена со меморандум за соработка и ќе се користи до завршувањето на работите. Тие ќе се одвиваат фазно. До крајот на годинава чистиме од оваа страна, Отовичка, а во јануари, ако има поволни временски услови, ќе се префрлиме на другата. Се отстрануваат наслагите сѐ до песок. Во однос на наслагите кои пливаат по површината, тие ќе се вшмукуваат“, кажа Ване Маневски, директорот на ЈПВ „Лисиче“, кое е концесионер со водата од езерото.
Маневски, кого Владата го назначи за координатор во решавањето на проблемот со ревитализација на езерото, потенцира дека сега започнуваат со активностите оти имало долг процес на добивање на потребните документи.
„Замолувам за трпение, да следите што работиме, во интерес на јавноста. Езерото е на сите. Се надевам дека до крајот на следната година ќе има видлив резултат на задоволство на сите“, вели Маневски.
Распишан бил и јавен повик за хидрогеолошки истражувања, за изведба на бушотините по должина на пресушената Отовичка Река и доколку сѐ биде во ред, тие би започнале до крајот на годината. Така дотур на свежа вода ќе има од средината на јануари, а во фаза на изработка бил проект за санација на темелниот испуст на браната.
Овој период се чистат сувата трска и исушените дрвја кои се во водата. Надлежните велат дека нема да се повтори ситуација од мај 2011, кога тогашната локална власт реши да го исчисти езерото, што заврши со еко-хаварија, оти во тој период се мрести рибата во крајбрежјето.
Владата издвои 10 милиони денари за ревитализација на езерото Младост. Тие се наменски: за бушотини за дотур на вода, за чистење на површината и за промена на вентилот на браната.
П. ПЕЧКОВ



