Четири куќи во тетовското село Шипковица на падините на Шар Планина се загрозени од свлечиште кое настана поради обилните врнежи на дожд што го зафатија западниот регион, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Преку бројот за итни повици 112 е добиена пријава за настанатото свлечиште, кое е во населено место што претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се преземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.



