Не се преземени сите активности за имплементација на Истанбулската конвенција, не се одвојуваат доволно пари за заштита на жртвите од семејно насилство, нема доволно сместувачки капацитети и недостасува стручен кадар, се дел од забелешките во извeштајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската Конвенција)“.
Овој извештај се разгледуваше на собраниската Комисија за еднакви права на мажите и жените на која беше кажано дека итно треба да се постапи по низата забелешки нотирани од ревизорите.
Извештајот дава оценка дали преземените мерки и активности од надлежните институции обезбедуваат ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство. Со ревизијата е опфатен периодот од 2018 заклучно со 2023 година.
„Во Акцискиот план за имплементација на Истанбулската конвенција предвидени се вкупно 52 активности за ефикасна превенција и заштита на жртвите на семејно насилство, но од нив реализирани се 22, не се реализирани 20, додека 10 се делумно реализирани. Специјализирана програма за психосоцијален третман за сторители на семејно насилство не е изработена и донесена, што влијае врз квалитетот на целокупниот систем за превенција и заштита на жртвите. Од буџетот на државата не се обезбедуваат средства за континуирана професионална едукација за издавање и обновување на лиценца за стручните работници, вработени во јавните установи. Надлежните институции кои се задолжени за спроведување на мерките за превенција, спречување и заштита на жртвите поради недоволен стручен кадар и неизвршена специјализација на работи не ги преземаат сите потребни неопходни мерки за поголема координација, соработка, евалуација, следење, итност на постапките и спроведување на дадените мерки“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Како забелешка стои и недоволно вклучување на граѓанскиот сектор во подготовката на законските измени, недоволно инкриминирање на сите форми на насилство врз жените, како што е психичкото насилство и гонењето за телесна повреда сè уште е по предлог на жртвата наместо по службена должност.
Кривичниот законик сè уште предвидува дека кривичното гонење за телесна повреда се врши по предлог од жртвата, а не по службена должност, што упатува на неусогласеност со Истанбулската конвенција, која предвидува проактивно гонење на делата на без потреба од иницијатива на жртвата.
„Праксата покажува дека многу жртви се принудени да ги повлечат пријавите поради притисок или закани од сторителот, зголемен е ризикот од повторување на насилството. Кога сторителот е свесен дека жртвата има право да ја повлече пријавата, тоа го охрабрува да продолжи со насилството. Кога државата не презема мерки по службена должност, жртвите губат доверба дека можат да добијат заштита“, се вели во извештајот.
Во делот на засолништа предвидено е на секои 10.000 жители да има едно легло за сместување на жртви или вкупно потребно е во државата да има 184 согласно бројот на жители по региони. Од доставените податоци од надлежните институции и извршената анализа и споредба, утврдено е дека во државата има вкупно 67 легла што претставува 37% воспоставени легла во однос на потребниот број од кои 48 легла има во Центарот за социјални работи, а 19 легла има во невладиниот сектор.
Во делот на советувалишта предвидено е на секои 50.000 жители да има едно советувалиште на жртви или вкупно потребно е во државата да има 19 во однос на бројот на жители жени во државата по региони. Утврдено е дека во државата има вкупно 11 советувалишта што претставува 59% воспоставени советувалишта во однос на потребниот број, од кои 7 советувалишта има во Центарот за социјални работи, а 4 советувалишта има во невладиниот сектор.
„Утврдената состојба укажува дека и покрај фактот што центрите, засолништата и советувалиштата се воспоставени во голем дел, истите не се функционални односно не можат да се користат за намената за која се формирани што доведува до неефикасна грижа, превенција и заштита на жртвите“, велат ревизорите.
Податоците укажуваат дека не се пополнети систематизираните работните места и недостигаат клучни работни места како координатор на оддел, супервизор, водител на случај-психолог, водители на случај-правник, психолози и тријажер. Недостигот на стручни лица влијае врз функционирање на Центарот за социјални работи како и во извршување на нивната дејност, како и врз целокупниот процес на заштита на жртвите.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која учествуваше во расправата во собраниската комисија, кажа дека покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство.
„Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Конвенцијата. Моите клучни препораки се итно донесување на Националната стратегија 2026-2033, проширување на мрежата на засолништа, обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите, воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри, вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука, како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот мора да се заостри“, рече Сиљановска-Давкова.
Согласно податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), во периодот 2018-2023 година извршени се вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство и тоа: убиство (33 дела), убиство во обид (14 дела), телесна повреда (3.792 дела), тешка телесна повреда (155 дела), присилба (38 дела), загрозување на сигурноста (2.179 дела), против правно лишување од слобода (29 дела) и посредување во вршење на проституција (2 дела).
Податоците покажуваат дека најмногу кривични дела од вкупните се однесуваат за телесна повреда 61% и загрозување на сигурноста 35%.
Бројот на регистрирани сторители на кривичните дела изнесува 6.423 лица од кои 5.864 се мажи, а 559 се жени, додека бројот на пријавени жртви во овие кривични дела изнесува 6.663 лица од кои 5.266 се жени, а 1.397 се мажи.
Во истиот период во Министерството евидентирани се вкупно 2.347 случаи на прекршоци во врска со семејсно насилство во кои сторители се вкупно 2.670 лица од кои 2.225 се мажи, а 445 се жени, додека бројот на жртви во овие дела изнесува 2.735 лица од кои 1.455 се жени, а 1.280 се мажи.
Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно/семејно насилство (Истанбулска Конвенција). Конвенцијата е ратификувана од Собранието во декември 2017 и е на сила од јуни 2018. Државата, со ратификувањето на Конвенцијата, се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилството.
А. АНТЕВСКА



