Жители од населбата Козле се жалат дека неколку дена населбата им мириса на фекалии, кои истекуваат од пукната канализациска цевка во близина на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Велат дека смрдеата е неподнослива и стравуваат од зарази ако навреме не се санира.
Инспектори од Општина Карпош денес извршиле увид и констатирале дека канализациската цевка од која истекуваат фекалиите е од Институтот за белодробни заболувања.
“По извршениот увид констатирано е дека овој дел од мрежата не е во надлежност на Општината, туку дека цевката пукнала бидејќи при градежните активности за изградба на новата зграда на Институтот, таа била погрешно споена и поради тоа настанал дефектот. Веднаш се известени Град Скопје и ЈП Водовод и Канализација, кои ќе го санираат дефектот“, велат од Општина Карпош.
Од Институтот, пак, негираат дека погрешно била споена цевката и оти затоа настанал дефект.
„На нашата мрежа, која е нова, се приклучуваат жителите од дивата населба што е над болницата, и не е точно дека погрешно била споена“, вели д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата.