По обилните врнежи дожд нивото на Преспанското Езеро, кое со години пресушува, е зголемено за 27 сантиметри според мерењата на мерната станица кај село Наколец, потврдуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од Преспа кои ја следат состојбата со нивото на Езерото.
Поројните дождови кои предизвикаа и поплави во Преспанскиот Регион, се случија кон крајот на ноември. Според податоците објавени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на 7 ноември или пред дождовите, водостојот на Преспанското Езеро беше 840,88 метри надморска височина, а нивото 37 сантиметри под апсолутниот појавен минимум односно најниското регистрирано ниво на езерската вода (841,25 мнв).
Водостојот на Езерото на 2 декември, според УХМР, изнесуваше 841,15 метри надморска височина, а нивото само 10 сантиметри под минимумот. Разликата меѓу нивото пред еден месец и сегашното е 27 сантиметри, што го потврдува податокот од терен дека Езерото надојде за 27 сантиметри.
Преспанското Езеро со години се соочува со загрижувачски низок водостој. Максимумот се смета дека го достигнало во 1963 година и изнесувал 851,83 метри надморска височина. Потоа нивото почна да опаѓа, а ваквиот процес со климатските промени, пронирањето на водата и неконтролираното искористување, се интензивира во последните 30 години.
Од Општина Ресен ни потврдија дека има зголемување на водостојот на Езерото, но не посочија колку точно изнесува зашто чекале да запрат дождовите, па да направат мерења и излезат со официјален податок.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



