60.000 ДЕНАРИ ЗА НАЈДОБРИОТ ИГРАЧ И БРОЈНИ НАГРАДИ ЌЕ ДОДЕЛИ ЈУРОП ХАУС ВО ОНЛАЈН ИГРАТА ЗА МЛАДИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

    60.000 ДЕНАРИ ЗА НАЈДОБРИОТ ИГРАЧ И БРОЈНИ НАГРАДИ ЌЕ ДОДЕЛИ ЈУРОП ХАУС ВО ОНЛАЈН ИГРАТА ЗА МЛАДИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВАСо играње, учесниците учат конкретни примери и ситуации поврзани со универзалните човекови права, ги препознаваат формите на дискриминација, говор на омраза и родово базирано насилство, развиваат критичко размислување и се инспирираат активно да учествуваат во градењето на правично и еднакво општество.(Фото: Јуроп Хаус)

    Преку онлајн играта „Навигатор 2.0“   Јуроп Хаус (Europe House) и Делегацијата на Европската унија во земјава ги едуцираат младите за прашања поврзани со човековите права. Станува збор за бесплатна онлајн игра на македонски и албански јазик. Играта трае три недели, од 25 ноември до 14 декември, и за квалификација за награда потребни се минимум 1.000 поени.

    Во oва издание e вклучена и глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

    „Денеска светот го одбележува 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права, ден кој потсетува дека човековите слободи, достоинството и еднаквоста мора да бидат заштитени секојдневно, а не само симболично. Годинава, овој ден го одбележуваме преку забавна, но и едукативна игра, со која на иновативен, интерактивен и забавен начин се едуцираат младите и широката јавност за клучните прашања поврзани со човековите права“, велат од Јуроп Хаус.

    Целта на „Навигатор 2.0“ е да ја доближи темата за човековите права до младите преку медиум што го користат секојдневно – онлајн интеракцијата. Со играње, учесниците учат конкретни примери и ситуации поврзани со универзалните човекови права, ги препознаваат формите на дискриминација, говор на омраза и родово базирано насилство, развиваат критичко размислување и се инспирираат активно да учествуваат во градењето на правично и еднакво општество.

    Минатогодишниот победник Александар Мојсоски. (Фото: Јуроп хаус)

    Победниците ќе бидат прогласени на 17 декември, а главна награда е ИТ ваучер од 60.000 денари. Специјални награди обезбедени се од амбасадите на земјите-членки на ЕУ, како велосипед, патување во Германија, курс по шпански, европски железнички карти и дополнителни тематски подароци.

    Минатогодишниот победник Александар Мојсоски стана пример за тоа дека еден млад човек, преку учење и ангажман, може да биде амбасадор на човековите права.

    Второто издание на играта е развиено во соработка помеѓу Јуроп Хаус, Делегацијата на Европската Унија во земјава, Обединетите Нации, „Галактик Омнивор“ како креативен партнер кој ја разви визуелната компонента, вклучително и новата портокалова планета што е карактеристичен симбол на ова издание, потоа Македонското здружение на млади правници, Министерството за образование и наука и  амбасадите на земјите-членки на ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира