Белорусија ослободи 123 затвореници, вклучувајќи ја и истакнатата опозициска активистка Марија Колесникова, откако САД се согласија да ги укинат санкциите кон земјата.
Меѓу ослободените е и добитникот на Нобеловата награда за мир, Алес Бјаљацки. Ослободувањето уследи по разговорите во Минск со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Белорусија, Џон Кол.
Како дел од договорот, САД се согласија да ги укинат санкциите за калиум карбонат, клучна состојка во вештачките ѓубрива и важен извозен производ за Белорусија, инаку близок сојузник на Русија.
„Како што се нормализираат односите меѓу двете земји, така ќе се укинуваат сè повеќе санкции“, изјави Кол.
Колесникова беше во затвор од 2020 година, а поголемиот дел од времето го помина во изолација. Нејзината сестра Татјана Хомич, која неуморно водеше кампања за нејзино ослободување, потврди за „Би-Би-Си“ дека разговарала со неа преку видеоповик.
„Таа е слободна, изгледа добро“, рече Хомич, додавајќи дека првото нешто што Колесникова го кажала било благодарност до американската администрација, претседателот Трамп, но и до белоруската влада за водењето на преговорите.
Според Координативниот штаб за третман на воени затвореници во Киев, Колесникова била предадена на Украина заедно со уште 113 затвореници. По укажаната медицинска помош, тие ќе бидат пренесени во Полска и Литванија. Мал дел од затворениците, вклучувајќи го и Бјаљацки, беа директно транспортирани во литванската престолнина.
Прогонетата белоруска опозициска лидерка Светлана Тихановска, која ги пречека пред американската амбасада во Вилнус, рече дека одлуката тие да бидат испратени преку Украина била неочекувана и донесена од Лукашенко.
„Илјадници луѓе беа и продолжуваат да бидат затворени, така што нашата борба продолжува“, рече Бјаљацки по прегратката со Тихановска.
Договорот се смета за големо достигнување за претседателот Александар Лукашенко, бидејќи става крај на неговата меѓународна изолација. ЕУ и САД не го признаваат Лукашенко за легитимен претседател по изборите пред пет години, кои доведоа до масовни улични протести што беа брутално задушени од полицијата, а стотици луѓе, вклучувајќи ја и Колесникова, беа уапсени.



