Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ поднесе предлог-иницијативи за поголема безбедност на угостителските обjекти до пратениците во Собранието. Предлозите се поднесени по одржаната анкетна комисија на 9 декември во Собранието за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Доставивме предлози кои сметаме дека значително можат да ја подобрат безбедноста на секој граѓанин. Првиот предлог е секој објект да има лице за безбeдност коe ќе биде одговорно за спроведување на сите безбедносни мерки. Со тоа одговорноста ќе добие име и презиме и ќе се знае кој е одговорен за безбедноста кога влегувате во одреден објект“, велат од „Супорт Кочани“.
Вториот предлог е поставување сервери за чад и пожар, кои наместо да бидат локално поставени, ќе бидат поврзани преку интернет со најблиската противпожарна станица. При каков било пожар или чад овие сервери ќе испраќаат сигнали до пожарните, со што ќе се намали времето потребно за интервенција.
„Бараме да се направи национална база на податоци, преку која секој објект ќе добие дигитален пасош. Со него ќе се знае колку е безбеден, дали е безбеден и какви елаборати за заштита поседува. Секој граѓанин ќе може да ја отвори таа база“, додаваат од „Супорт Кочани“.
На 19 ноември почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 63 жртви и над 200 повредени, а го води судијката Диана Груевска-Илиевска. Сите обвинети 35 физички лица и три правни лица се изјаснија за невини.
А. АНТЕВСКА



