Ќе има натамошна, можеби и уште поширока амнестија за кривичните дела од областа на корупцијата со новите измени на Кривичниот законик (КЗ), е заклучокот од денешната дебата за овие измени предложени од група пратеници од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, што ја организираше Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.
На прашањата што може да очекуваме од новите законски измени на Кривичниот закони, дали тие ќе донесат поголема правда и казнивост за функционерите што ја злоупотребиле својата позиција или пак ќе бидат уште поблаги во однос на претходните регулативи, дали премногу се чекаше и се тактизираше со исправање на катастрофалната грешка од 2023 кога се донесоа скандалозните измени на КЗ за време на владата на Димитар Ковачевски, прв зборуваше евроамбасадорот во Македонија Михалис Рокас.
„Имавме и изјави од политички лидери дека измените на КЗ од 2023 биле грешка, ама долго време немаше акција ниту од Владата, ниту Собранието за поправка и нови измени. Потребен е политички и општествен консензус дека новите измени навистина ќе бидат и во насока на европските стандарди и во насока на обезбедување одговорност и владеење на правото“, укажа Рокас.
ВМРО-ДПМНЕ 2 години не ја врати казнивоста на корупцијата, а иако лидерот и пратеник Венко Филипче се извини за законот направен од претходникот Ковачевски, ниту пратениците од СДСМ поднесоа измени на Законикот за да може да се врати казнивоста.
Рокас рече дека нема да најдеме ниту еден граѓанин кој смета дека треба да има неказнивност.
„Ќе најдете поединци, но граѓаните бараат правда и ред. Ќе го следиме процесот и самите измени“, рече тој.
За толку очекуваните измени на КЗ од власта рекоа дека се преодно решение, произлезено од одлуката на Уставниот суд од февруари годинава, со која на Собранието му беше наложено до крајот на годината да го измени Законикот.
„Ние сме гладни да видиме одговорност, ние имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност, а некој како да сака да нѐ убеди дека тоа е нешто нормално. Парламентот постапи во согласност со нашата одлука, предложените измени сега се ставени во редовна постапка, ќе треба да ја слушнеме експертската јавност да се произнесе и да видиме дали пратениците повторно ќе штитат некого или ќе ги артикулираат интересите на граѓаните “, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Универзитетскиот професор Денис Прешова рече дека делумно се согласува со претседателот на Уставниот суд, и дека Судот требало поинаку, уште похрабро да постапи, односно да донесе поништувачка одлука во врска со измените на КЗ од 2023.
„Решението на Судот веќе јасно ги детектира неуставностите, особено од формален аспект. Затоа сметам дека требаше да се донесе поништувачка одлука која ќе ги врати старите одредби и ќе ги анулира правните последици од измените“, истакна тој.
Прешова укажа на примери од европската пракса, како Чешка, Летонија и Словачка, каде уставните судови поради сериозни прекршувања на законодавната процедура донесуваат одлуки со ретроактивно дејство.
„Ако тоа важи за амнестии, уште повеќе важи за измените на Кривичниот закон“, рече тој и додаде дека одолговлекувањето и продолжувањето на роковите го ставиле Уставниот суд во „сива зона“, што, според него е проблематично.
Обвинителката Ленче Ристоска, која беше присутна на дебатата во публика, остро ги критикуваше предложените измени од група пратеници од владејачкото мнозинство.
„Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Па во овој контекст, би го прашала претседателот на Уставниот суд, како би постапил ако Собранието ги донесе измените вакви какви што се предложени? Дали Судот има некаков план, оти мене ми се чини дека намерата на предлагачот на измените не е искрена, туку само формално да се задоволи барањето на Уставниот суд да се поднесат измени во дадениот рок?“, праша Ристоска, акцентирајќи дека вака од коруптивни дејства се амнестираат министри, директори, полицајци и други вработени во органите на државната управа.
Костадиновски на ова одговори дека планот на уставните судии е да постапуваат според нивната одлука.
„Во нашето решение се осврнавме и на материјалната неуставност. Нема да ги коментирам сегашните предлози, не смеам да коментирам норми што не се дел од жива правна материја. Но, секако овој период не е завршен. Ќе ги чекаме законските измени и на седница на Судот ќе бидат разгледани и материјално и нормативно“, рече тој.
И Платформата за антикорупција деновиве остро реагираше на чудните измени на Кривичниот законик.
„Иако ја поздравуваме иницијативата за интервенирање во Кривичниот законик, сметаме дека предложените измени, во сегашната форма, не претставуваат вистинско враќање на состојбата пред 2023 година, туку воведуваат нови решенија со сериозни последици по правната сигурност и борбата против корупцијата. Затоа, упатуваме неколку јасни барања:
Тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата кои важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти. Да се повлечат или темелно преиспитаат одредбите за проширена конфискација кои овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда. Да не се стеснува поимот ‘корист’ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција. Да се задржи или да се вметне формулација која овозможува да се обезбеди ефективна кривичноправна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби. Пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка. Овие барања се особено важни ако се има предвид дека и за измените во 2023 година реагиравме навреме, предупредувајќи на последиците кои за жал, денес се потврдуваат во пракса“, рекоа од Платформата за борба против корупцијата.
Оттаму аргументираат и зошто овие измени се проблематични.
Проширена конфискација (член 98-а):
Предложените измени за проширена конфискација значително отстапуваат од моделот што важеше пред 2023 година. Наместо одземање на имот стекнат пред сторување на делото, по спроведена кривична постапка и судска осуда, сега се овозможува конфискација и без утврдена кривична одговорност. Ова е суштинска промена која го менува карактерот на мерката. Ваквиот пристап се доближува до т.н. граѓанска конфискација, без јасно да биде утврдено кој и зошто одговара, поточно кое е кривичното дело кое ја прави проширената конфискација апликативна. Дополнително, овој модел е неусогласен со постојниот Закон за кривичната постапка и создава ризици по правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност. Оттука, со овие измени, иако наменети за привремено санирање на правната рамка до донесување на нов Кривичен законик, повторно се воведува нов концепт без јасни правила.
Злоупотреба на службената положба (член 353) и ефектите врз борбата против корупцијата:
Кај делото злоупотреба на службената положба, измените значително ја стеснуваат кривичната одговорност. Поимот „корист“ се сведува само на имотна корист, со што од опфатот испаѓаат облици на злоупотреба кои не секогаш носат директна финансиска добивка, како влијание, фаворизирање или условување. Дополнително, во споредба со верзијата пред 2023 година, се намалуваат максималните казни за потешките облици на делото, што директно води до пократки рокови на застарување. Ова значи дека сѐ уште постои помал простор за ефективно гонење на сложени корупциски предмети, особено оние кои се откриваат по подолг временски период. Воедно, се воведува нова инкриминација наместо за враќање на старата одредба од ставот 5. Со предложените измени се врши враќање само на инкриминацијата за злоупотребата на службената положба и овластување при постапките за јавни набавки, но не и други форми на злоупотреба на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата. Дополнително, дел од однесувањата што се опфаќаат имаат карактер на управни пропусти, што може да доведе до претерана криминализација без реално зајакнување на борбата против корупцијата. Особено загрижува што со овие измени не се обезбедува соодветна заштита на средствата од јавните фондови и фондовите на Европската Унија, што е спротивно на декларираните заложби за зајакнување на владеењето на правото.
Несовесно работење во службата (член 353-в):
Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се предлага бришење на формулацијата која досега служеше како „заштитна мрежа“ за санкционирање на тешки, но нетипични случаи на службена несовесност. Иако постои потреба ваквите одредби да бидат внимателно формулирани за да се избегне произволна примена, нивното целосно отстранување создава ризик сериозни пропусти да останат неказнети.
С. К. ДЕЛЕВСКА



