ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ И ДРУГИТЕ ТРОЈЦА УБИЈЦИ НА ВАЊА И ПАНЧЕ БАРААТ ОД АПЕЛАЦИЈА УКИНУВАЊЕ НА ДОЖИВОТНИТЕ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ

    ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ И ДРУГИТЕ ТРОЈЦА УБИЈЦИ НА ВАЊА И ПАНЧЕ БАРААТ ОД АПЕЛАЦИЈА УКИНУВАЊЕ НА ДОЖИВОТНИТЕ ЗАТВОРСКИ КАЗНИПредметот е на мислење во Вишото јавно обвинителство Скопје. - Љупчо Палевски (Фото: СДК.МК)

    Неправосилно осудениот Љупчо Палевски и тројцата соучесници во грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годиниот Панче Жежовски од Велес, поднесоа жалби против доживотните затворски казни.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, тие од Апелациониот суд Скопје не бараат ослободителни пресуди, туку укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката отпочеток, во Кривичниот суд Скопје.

    Судија-известител од Скопска апелација за овој предмет е Ѓоко Ристов. Судијата вели дека не знае детали од поднесените жалби, бидејќи како стигнал предметот минатата недела, така веднаш бил комплет пратен во Вишото јавно обвинителество (ВЈО) Скопје на мислење.

    „Предметот е во ВЈО Скопје и кога ќе го добиеме мислењето, веднаш ќе закажам расправа”, вели судијата-известител Ристов.

    За кривичните дела грабнување и две свирепи убиства, судијата Ивица Стефановски на сите четворица обвинети на чело со Љупчо Палевски им одреди по 10 години за грабнување на Ѓорчевска и на Жежовски, а за свирепите убиства доживотен затвор за сите. Покрај Палевски, првостепено на доживотен затвор се осудени и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението, за што Обвинителството поднесе жалба до Апелација.

    Во образложението, судијата кажа дека на 27 ноември 2023 во седум часот, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со намера од член на семејството да изнудат пари. Кога детето излегло од лифтот, ја чекале Видевски и Манев. Ја фатиле за устата и половината, ја совладале, заканувајќи ѝ се да не вика.

    Во вреќата за спиење ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил да не вика оти ќе пукаат, Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „ситроенот“ на веќе покојниот Панче Жежовски.

    По насоки на Палевски, ја однеле на местото Дупки кај Бразда и изложувајќи ја на тешко психичко страдање, Палевски ја убил. Таа починала веднаш од куршумот што ѝ поминал низ мозокот, сѐ до прешлените.

    Претходно на 22 ноември 2023 година, на ист начин, Манев го нападнал, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насоки на Палевски, го однеле на местото Рудник над Велес, Палевски го убил, со еден куршум му го растурил мозокот.

    И во двата случаја, возел или чувал стража, односно логистика им бил четвртоосудениот Влатко Кешишев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира