НЕПРАВИЛНО РАБОТЕЛЕ ПОЛОВИНАТА ОД 49 КОНТРОЛИРАНИ ПРИВАТНИ МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИ, 8 ОРДИНАЦИИ НАПЛАЌАЛЕ ПО 500 ДЕНАРИ ЗА БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ, КАЖА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    НЕПРАВИЛНО РАБОТЕЛЕ ПОЛОВИНАТА ОД 49 КОНТРОЛИРАНИ ПРИВАТНИ МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИ, 8 ОРДИНАЦИИ НАПЛАЌАЛЕ ПО 500 ДЕНАРИ ЗА БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ, КАЖА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОКонтролите од ФЗО и УЈП биле извршени поради зачестени преставки за работата на гинеколозите во примарната здравствена заштита. (Фото: СДК.МК)

    Од контролите што заедно ги спроведоа Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Упрвата за јавни приходи (УЈП) кај 49 приватни здравствени установи (ПЗУ)-матични гинеколози, дури кај 23, или 46 проценти, се утврдени неправилности.

    „Од тие 23 ПЗУ, неправилности само кон Фондот имаат 3, кон УЈП 11, а кон ФЗО и УЈП заедно 9 установи. Од утврдените 12 неправилности кон Фондот, главната неправилност е наплата на дополнителни средства од осигурани лица. Кај 8 приватни здравствени установи констатирано е тоа, а кај 4 неуредна евиденција“, рече директорот на ФЗО Сашо Клековски  на денешната прес-конференција.

    Тој додаде дека од 149 приватни матични гинеколози кои имаат склучено договори со Фондот, биле контролирани 49 или 33 проценти. Контролите биле извршени поради зачестени преставки за работата на гинеколозите во примарната здравствена заштита.

    „Главната цел на контролата е придржувањето до договорената обврска меѓу Фондот и матичните гинаколози, а тоа е дека прегледот, ехо, колпоскопија и земањето брис за ПАП и сите други дијагностички терепевтски процедури согласно медицина заснована на докази кај избраниот лекар, не се наплатуваат“, рече Клековски.

    Според преставките што ги добивале, воспоставена пракса била на пациентките во приватните ординации да им се наплатуваат по 500 денари, со изговор дека тоа е за цеде, извештај во врска со за прегледите кои се бесплатни. Клековски кажа дека обврска на ординациите е јавно да истакнат известување дека посочените прегледи се бесплатни.

    Од извршените контроли во гинеколошки оридинации во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово Штип и Струмица, највисока уредност во работењето имаат битолските и прилепските гинеколози, кај 71 процент од нив не се утврдени никакви неправилности. Најнеуредни се ПЗУ во Струмица, од 5 контролирани, неправилности се воочени кај 4, а висока неуредност има и оние во Скопје, од 16 контролирани неуредни се 9.

    Од УЈП се утврдени неправилности поврзани со фискализација кај 20 ординации. И Фондот и Управата изрекоа казни односно глоби за установите.

    „Нешто повеќе од една третина од контролираните субјекти се со неправилности во однос на фискализацијата односно регистрирањето на готовинскиот промет. Ќе продолжиме со засилени и координирани контроли и други мерки. Глобата се изрекува при прва констатирана неправилност, а при втора во рок од 2 години се изрекува и построгата мерка запечатување на деловната просторија од 15 или 30 денови“, рече директорката на УЈП Елена Петрова.

    Фондот изрекува казна од 25.000 денари, а ако грешките се повторат казната се зголемува и се раскинува договорот.

    Заедничка контрола на ФЗО и УЈП не била извршена цели 13 години.

    САКАМДАКАЖАМ.МК уште во 2021 година објави дека матични гинеколози во Куманово ги наплаќаат гинеколошките услуги на бремените жени, иако Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Македонија предвидува бесплатни прегледи за време на бременоста. Истражувањето на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово, покажало дека дури 74 отсто од бремените Ромки и жените од социјално ранливите категории морале да платат контролниот преглед и друг вид на услуги, а за само 24 отсто бил бесплатен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира