АКО МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ ПОБАРА ПАРИ ЗА ЕХО ИЛИ БРИС, ПАЦИЕНТКАТА МОЖЕ ДА ОДБИЕ ДА ПЛАТИ, ВЕЛИ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    АКО МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ ПОБАРА ПАРИ ЗА ЕХО ИЛИ БРИС, ПАЦИЕНТКАТА МОЖЕ ДА ОДБИЕ ДА ПЛАТИ, ВЕЛИ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОЗа ПАП-тест на државно треба да се плати 60 денари, а ако е на приватно 600 денари. (Фото: К. Попов)

    Прегледот кај матичен гинеколог не се плаќа и доколку избраниот гинеколог побара пари за здравствена услуга која е бесплатна, осигуреното лице треба да одбие да го плати прегледот, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) за САКАМДАКАЖАМ.МК за сѐ почестите реакции во нашата редакција од пациентки дека плаќаат за услуги кои треба да се бесплатни.

    Реакциите од повеќе градови во земјава до нас следуваат по објавениот текст на 30 декември, дека повеќето матични гинеколози во Куманово ги наплаќаат гинеколошките услуги на бремените жени, иако Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Македонија предвидува бесплатни прегледи за време на бременоста. Истражувањето на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово, покажало дека дури 74 отсто од бремените Ромки и жените од социјално ранливите категории морале да платат контролниот преглед и друг вид на услуги, а за само 24 отсто бил бесплатен.

    Во основните здравствени услуги кои ги обезбедуваат избраните гинеколози, бесплатни се дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис. ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него избраниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи, според Програмата на Министерството за здравство за скрининг за превенција и рано откривање на карцином на грлото на матката. За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази партиципација која осигреното лице треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот е потребно да биде направен приватно, неговата референтната цена според ФЗОРСМ е 600 денари.

    Фондот додава дека учеството со лични средства при користење на здравствени услуги и лекови е обврска на осигурениците, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите.

    Во случај кога сепак се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побара фискална сметка за извршените здравствени услуги, потоа се информира Фондот преку претставка и во прилог на преставката потребно е биде доставена и фотокопијата од фискалната сметка.

    Пријавата може да биде направена на бесплатниот телефонски број 080033222, на мобилните телефони на инспекторите од контрола кои се објавени на веб страната на ФЗОРСМ, секој работен ден од 8.30 до 20 часот, но може да се направи и електронска пријава на [email protected]

    „Ваквиот вид на пријава на неправилност може да биде и анонимна и сето ова е со цел да се охрабрат нашите осигуреници да нè известуваат за сите неправилности кои може да се појават при работењето на матичните гинеколози“, вели Фондот.

    Прегледот кај гинеколог кој не е избран лекар на осигуреникот може да биде наплатен како приватен преглед иако тој дава услуга од примарна здравствена заштита.

    Во случај кога сепак се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побара фискална сметка за извршените здравствени услуги, потоа се информира Фондот преку претставка и во прилог на преставката потребно е биде доставена и фотокопијата од фискалната сметка. (Фото: Фејсбук на ФЗО )

    За случаите кога здравствената установа нема да издаде фискална сметка, а наплатува финансиси средства па макар да е тоа и партиципација, осигурениците треба да пријават и во Управата за јавни приходи (УЈП).

    Дигиталната редкација САКАМДАКАЖАМ.МК до Министерството за здравство и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) го испрати следното прашање: Дали сте запознаени со вакви случаи, и дали се планира да се спроведе контрола во работењето на матичните гинеколози и да се сакционираат прекршителите?  Од таму нѐ упатија во Фондот.

    До објавувањето на текстот одговор за ова прашање не добивме само од Здружението на матични гинеколози.

    Од ФЗО ни рекоа дека извршуваат заеднички контроли со Управата за јавни приходи (УЈП), вршат контроли по барање на ДСЗИ, на други институциии и на невладини организации. Два пати во текот на годината Фондот доставува информација до Владата за извршените редовни контроли и контролите по преставка кои Народниот правобранител ги доставува до Владата.

    „Од спроведените контроли кај најголем број матични гинеколози нема неправилности, а од неправилностите утврдени се: наплата на дополнителни средстава и непоседување на комплетна задолжителна ампуларна терапија, но исто така утврдено е дека гинеколозите наплаќаат финансиски средстава на осигуренички на кои тие не се избрани лекари. Во насока на вашето прашање, спроведувањето на контролите е составен дел на работењето на Фондот, а санкците за прекршителите се предвидени во договорните права и обврски. Во надлежност на Фондот е да извршува редовни и вонредни контролни на здравствените установи со кои ФЗОРСМ има склучено договор. Во вонредните контроли влегуваат мобилната контрола и контролата по претставка. Редовните контроли се дел од Планот за работа на ФЗОРСМ и овие контроли се спроведуваат во текот на целата година при што ги опфаќаат сите здравствени установи меѓу кои и сите гинеколошки ординации од примарна здравствена заштита на територијата на државата. За време на извршување на овие контроли освен договорните обврски се контролира и тоа дали се наплатуваат дополнителни средства и се прави анкета на осигуреничките дали се задоволни од здравствената услуга која ја добиваат во дадената ординација и се охрабруваат да пријават доколку има наплата на дополнителни средства“, ни рече Ирфан Лимани, директор на Сектор за комуникации и административна поддршка во Фондот.

    Исто така, се извршуваат и контроли за кои е доставена претставка од осигурениците која може да биде во писмена форма или во електронска форма, но во прилог на преставката потребно е бидат доставени документи како доказ, а во случај на наплатени финансиски средстсва и фотокопијата од фискалната сметка. За секоја доставена пријава или преставка се изршува контрола во дадената здравствена установа.

    Во однос на заклучокот од направената анкета, ФЗО вели дека социјално ранливите категории како и лицата без идентификација се покриени со Програмата на Министерството за здравство за активна здравствена заштита на мајките и децата која има за цел намалување на морбидитетот и морталитетот на мајките и новороденчињата, преку интегриран пристап во унапредување на здравјето на мајките и новороденчињата.

    „Овие цели се остваруваат со помош на сет мерки и активности, меѓу кои е активноста за обезбедување на бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во тек на бременост и прегледи поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени кои се надвор од системот на задолжителното здравствено осигурување и лица без документ за идентификција и тие се финансирани од Буџетот на Северна Македонија“, рече Лимани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира