СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ГО ЗАДОЛЖИ ЃОРЃИЕВСКИ ДА ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДИСЛОКАЦИЈА НА „УСЈЕ“

    СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ГО ЗАДОЛЖИ ЃОРЃИЕВСКИ ДА ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДИСЛОКАЦИЈА НА „УСЈЕ“Град Скопје нема ингеренции со кои може да направи дислокација на фабриката. (Фото: Град Скопје)

    Советот на Град Скопје на вчерашната седница со 41 глас „за“ од вкупно 45 советници, донесе одлука со која се задолжува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да побара од Владата да се дислоцира фабриката „Усје“. Град Скопје нема ингеренции со кои може да направи дислокација на фабриката.

    Оваа точка беше ставена на дневен ред по барање на советникот од „Зелен хуман град“ Марјан Калевски, кој рече дека цементарницата „Усје“ ги труе граѓаните и затоа мора да се дислоцира надвор од градот. Цементарницата е на територијата на Општина Кисела Вода, на околу 5 километри од центарот на градот.

    „Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да се обрати до Владата за да го разгледа начинот за отпочнување на постапката за дислокација на ‘Усје‘ и сите големи индустриски загадувачи, на соодветни места, надвор од Скопската Котлина. Се задолжува Градот Скопје да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со официјално барање за испитување на работењето на ‘Усје’ и сите големи индустриски загадувачи, како и дали истите целосно ги исполнуваат сите обврски и критериуми кои произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива и во рок да го известат Градот Скопје за резултатите“, стои во заклучоците на Советот на Град Скопје.

    Исто така, во заклучокот се бара од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) а да изврши серија ненајавени инспекциски надзори врз работењето на „Усје“ и големите индустриски загадувачи со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и примената на мерки за заштита на животна средина и здравјето на граѓаните.

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека Владата согласно ингеренциите ќе постапи по заклучоците од Град Скопје.

    „Сè уште не сме имале можност да ги видиме и нормално дека согласно ингеренциите кои ги имаме ќе постапиме. Од тоа што можев да го слушнам во јавноста, се бараат вонредни инспекциски контроли, континуиран надзор. Тоа не е никаков проблем, и сега функционира. Што се однесува до дислокацијата – и тоа не е проблем што се однесува до Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и на Владата“, рече Мицкоски по настанот за промоција на нови возила за Министерството за внатрешни работи.

    Министерството за животна средина денеска соопшти дека министерот Мухамет Хоџа, кој вчера стапи на функцијата, одржа итна координативна средба со заменичката-министерка Ане Лашкоска, директорката на ДИЖС Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.

    „Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на ‘Усје’, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството. Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи. Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација“, соопшти Министерството.

    Вчера, граѓани протестираа пред фабриката „Усје“ и беше побарано дислокација на фабриката. Од компанијата велат дека „Титан Усје“ е индустриски капацитет со високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање, каде во секој филтер има по 2.000 вреќи кои ја запираат прашината, која потоа се враќа во производниот процес и станува составен дел од финалниот производ.

    „Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите“, велат од „Усје“ и тврдат дека споредбените податоци јасно и недвосмислено укажуваат оти лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на компанијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира