ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦ КОЈ НАМЕРНО ПРЕГАЗИ ПОЛИЦАЕЦ ПРИ ЛЕГИТИМИРАЊЕ

    ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР ЗА КАВАДАРЧАНЕЦ КОЈ НАМЕРНО ПРЕГАЗИ ПОЛИЦАЕЦ ПРИ ЛЕГИТИМИРАЊЕПолицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира, а во тој момент возачот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. (Фото: СДК.МК)

    На една година затвор е осуден 46-годишен кавадарчанец кој намерно прегази полицаец при обид за легитимирање. На 21 декември по полноќ, возејќи „фолксваген“, обвинетиот не запрел на даден знак од полициски службеници. Кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, осомничениот со возилото сакал да прегази полициски службеник, вели Обвинителството.

    Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против него за кривично дело Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 382 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    „Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира, а во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот добил со неколку телесни повреди. Обвинетиот беше лишен од слобода на 25 декември и веќе следниот ден беше изведен пред суд, каде го призна делото“, вели Обвинителството..

    Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира