Кина испали ракети во водите покрај северниот и јужниот дел на Тајван и распореди нови амфибиски јуришни бродови, бомбардерски авиони и разорувачи на вториот ден од своите најобемни воени вежби, кои се замислени како проба за блокада на островот. Источната команда на кинеската војска соопшти дека неколкучасовното пукање со боева муниција ќе влијае на морето и воздушниот простор на пет локации околу Тајван.
Морнаричките и воздухопловните единици симулирале напади врз поморски и воздушни цели на Тајван, како и противподморнички операции. Наречени „Мисија на правдата 2025“, вежбите започнаа 11 дена откако САД објавија продажба на оружје за Тајван вредно 11 милијарди долари. Ова се најголемите кинески вежби во регионот досега и најблиску до островот.
Досега не биле испукани ракети над Тајван, како што беше случај во 2022, но еден тајвански функционер изјави дека Кина би можела да ги искористи вежбите за да тренира гаѓање копнени мети, како американскиот ракетен систем „ХИМАРС“.
Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те изјави дека неговите трупи се спремни да го бранат островот, но не бараат ескалација. Тајван кажа дека поради вежбите досега нема откажани меѓународни летови.
„Вежбите ја тестираат способноста на поморските и воздухопловните сили да се координираат за интегрирано ограничување и контрола“, објави кинеското министерство за одбрана.
Извештај на Пентагон објавен минатата недела вели дека „Кина очекува да може да се бори и да добие војна против Тајван до крајот на 2027 година“, што се совпаѓа со стогодишнината од основањето на Народната ослободителна армија.



