Советниците на Општина Куманово во 2 часот по полноќ го изгласаа Буџетот за 2026 година, кој изнесува 2.990.039.677 денари или 48,5 милиони евра. За буџетот гласаа 18 советници, 8 беа против и двајца воздржани.
Основниот буџет за наредната година изнесува 1.25 милијарди денари или околу 20,5 милион евра, додека приходите од самофинансирање, дотации и донации се 1.73 милијарди денари или 28 милиони евра.
Во основниот буџет за капитални инвестиции од развојната програма се предвидени 650 милиони денари (околу 10.6 милиони евра), од кои 450 (7,2 милиони евра) за проекти од кредитот кој го обезбеди Владата.
„Најголем дел од развојната програма отпаѓа на унгарскиот кредит и точно се знае за кои проекти ќе се користи. За некои имаме започнато постапки, некои се во процедура, а за поголем дел од нив постапките се завршени и имаме изберено изведувачи“, кажа Фросина Милковска, од Секторот за финансиски прашања.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, смета дека буџет има сериозна развојна компонента, бидејќи ќе има реализација на голем број на капитални проекти и засилување на капацитетите на јавните претпријатија.
„Тоа во реалноста ќе значи дека ќе имаме повисоко ниво на хигиена во градот, поуредени зелено-цветни површини, проширување на гасоводната мрежа со акцент на старата индустриска зона, како и поставување на подземна инфраструктура таму каде што потоа ќе се асфалтираат улиците. Предвидени се значителни средства за финансирање на спортските и културни настани“, кажа Димитриевски.
Тој најави дека кон средината на наредната година е планиран ребаланс на буџетот, а средствата ќе се обезбедат и од продажбата на државно земјиште во индустриската зона Речица.
Советникот Благојче Јаќимовик од НСДП, најави дека нема да го гласа буџетот затоа што не е развоен, а капиталните расходи ги нарече смешни, бидејќи од 650 милиони денари 580 се од унгарскиот кредит.
„Средствата што се од Владата се со реализација од само 50 отсто. Што ќе правиме ако Владата не ни ги уплати? Минатата година имавме суфицит од 345 милиони денари, оваа година едвај 70. Дали ќе сме во можност да дотираме ако е потребно? Како ќе се делат тие пари, што ќе правиме со јавните набавки кои треба да ги направиме за целата сума, а ние имаме предвидено половина средства за оваа година. Освен проектите од унгарскиот кредит од наши пари имаме само 30 милиони денари за бекатонирање и редење на лего коцки низ градот“, кажа Јаќимовиќ.
Во развојната програма за 2026 година е предвидена изградба и реконструкција на повеќе улици, водоводна и канализациска мрежа, проширување на гасоводната мрежа, довршување на спортската сала и на малиот плоштад, изградба на кружен тек, доуредување на инфраструктурата во индустриската зона Речица.
Куманово од фондот на унгарскиот кредит доби 800 милиони денари (околу 1.3 милиони евра). Дел од проектите започнати оваа година ќе се довршуваат и во наредната, и тие пари се префрлени во новиот буџетот.
Во буџетот се предвидени и средства за субвенционирање на јавниот превоз, за финансирање на програмите на јавните претријатија, социјална помош за ранливите категории на граѓани, поддршка на невладини организации и други.
Седницата на Советот на Општина Куманово вчера имаше 74 точки на дневен ред и траеше 16 часа. Иако советниците од опозицијата побараа да се прекине пред полноќ, поради падот на концентрацијата и нервоза кај дел од советниците од власта, претседателката го одби барањето и расправата продолжи до доцна во ноќта.
С.НИКОЛИЌ



