Со кампањата „Дали ќе нѐ посетиш годинава?“ Националната установа (НУ) „Стоби“ сака да ги поттикне домашните туристи да го посетат археолошкиот локалитет Стоби. Кампањата следува по податоците за посетеност во изминатата година, кои покажуваат значителна несразмерност меѓу бројот на странски и домашни посетители.
Минатата година локалитетот го посетиле речиси 12 илјади странски туристи (11.994), наспроти само 1.703 домашни посетители. Вкупно имало 18.667 посети, што е на ниво од претходните години. Од вкупниот број посетители, 4.970 биле деца, при што најбројни меѓу домашните посетители се учениците од основно и средно образование.
„Повеќето податоци од статистиката нè радуваат. Единствено што малку нè изненади е бројот на домашни посетители. Сакаме Стоби да биде место каде секој посетител ќе доживее нешто посебно, затоа ги очекуваме вашите коментари и сугестии за тоа како можеме да го направиме искуството уште поинтересно и позабавно“, соопштија од НУ „Стоби“.
Од установата додаваат дека археолошкиот локалитет Стоби е прв на Балканот кој нуди искуство со виртуелна реалност и дигитален аудиоводич. По завршувањето на реконструкцијата и конзервацијата на античкиот театар, од оваа година тој повторно е отворен за публика и може да биде домаќин на театарски претстави и концерти.
Рекордна година била 2018, кога Стоби имал околу 22.000 посетители.
П. ПЕЧКОВ



