Корупцијата во Македонија ја има од лулка до гроб, вели Ангелина Милосављевиќ, студентка на четврта година на Правниот факултет во Битола. Таа ги истражувала постмортем случаите на корупција во земјава и вели дека ги имало толку многу што морала да направи селекција кои ќе ги вклучи во истражувањето со кое настапи на Меѓународната студентска конференција „Од студентите на УКЛО за општеството“, што се одржа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола.
„Најдов толку случаи на постхумни процеси поврзани со наследување, погребални услуги, надгробни плочи и слично. Имаше многу процеси и не знаев кој попрво да го ставам во трудот. Искористив и еден случај за кој имало покренат судски процес за наследување, како да починал оставителот, а тој, замислете, бил жив. И парите и сè друго што било негово го добиле други луѓе, зашто бил поткупен некој административен службеник кој им издал документи“, вели Милосављевиќ.
Да ја истражува темата ја поттикнала актуелната состојба во државата. Памети дека од мала била опкружена со корупција, иако тогаш не знаела како се нарекува таквата појава.
„Ја има од раѓање – имало случаи на родени деца кои не биле заведени, односно евидентирани, па продолжува низ училиштата и универзитетите, само прашање е дали ќе се пријави или не. Заклучокот е дека корупција има во сите сегменти од животот. Има жртви, но нема доволно свест за да се пријавуваат случаите. Често луѓето си велат дека никој ништо нема да преземе и тоа е поразително“, вели Милосављевиќ.
Студентскиот труд „Корупција од лулка до гроб“ беше еден од 16-те презентирани на Меѓународната студентска конференција на УКЛО.
„Студентите ги изработија трудовите под менторство на нивните професори. Голем дострел е тоа што трудовите ќе се објавуваат во единствениот студентски научен часопис во Македонија ‘Нови хоризонти’, индексирано научно списание. Уште од студентски нозе ги обучуваме да објавуваат научни трудови“, вели деканот проф. д-р Игор Неделковски.
Според Извештајот за процена на корупцијата во Македонија 2025 на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), лани 36,7% од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, а 30,6% биле вклучени во корупција, што претставува пораст од над пет процентни поени во споредба со 2023. Проекциите покажуваат дека речиси 536 илјади полнолетни граѓани барем еднаш биле соочени со барање за поткуп, а повеќе од 448 илјади граѓани дале поткуп барем еднаш изминатата година, што укажува на широка распространетост на административната корупција.
Корупцијата и понатаму останува неказнива: „Во 2024 година само 73 лица биле осудени за злоупотреба на службена положба или поткуп, што претставува стапка на ефикасност на институциите од 0,016% во однос на претпоставените случаи на корупција“, велат од МЦМС.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



