„ДОЈДОВМЕ ДА ГО ЗЕМИМЕ ВЕВЧАНИ, ИМАЛО ГОЛЕМИ РЕЗЕРВИ НА ТЕЧНО ЗЛАТО РАКИЈА И ДА ДОНЕСИМЕ ДЕМОКРАТИЈА“, КАЖА „ТРАМП“ НА ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ

    „ДОЈДОВМЕ ДА ГО ЗЕМИМЕ ВЕВЧАНИ, ИМАЛО ГОЛЕМИ РЕЗЕРВИ НА ТЕЧНО ЗЛАТО РАКИЈА И ДА ДОНЕСИМЕ ДЕМОКРАТИЈА“, КАЖА „ТРАМП“ НА ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛПред многубројните посетители, на улиците на Горно и Долно Маало во Вевчани, можеа да се видат и маски на познати личности меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп. (Фото: СДК.МК)

    Вевчанскиот карневал, познат по своите оригинални и храбри маски, и годинава преку смеа и иронија ги отслика општествените појави, политичките случувања и секојдневните апсурди. Карневалот и овојпат не поштеди никого, ниту домашната политика, ниту глобалните трендови. Доминираа случувањата како мигрантската криза, недовербата во судството и руската војска.

    (Фото: СДК.МК)

    Пред многубројните посетители, на улиците на Горно и Долно Маало во Вевчани, можеа да се видат и маски на познати личности меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, кој прв го пречека министерот за култура и туризам Зоран Љутков, а не изостанаа и традиционалните „Зетот и невестата“, „Ѓаволите“ и „Глупавите Августи“.

    „Дојдовме да го земиме Вевчани, имало големи резерви на злато, течно злато ракија и да донесиме демократија во Вевчани“, кажа „Трамп“.

    Маската на американскиот претседател Доналд Трамп прва го пречека министерот за култура и туризам Зоран Љутков (Фото: СДК.МК)

    Министерот Љутков рече дека фестивал кој има традиција илјадници години, не може да нема посебно значење и посебно место во македонскта култура.

    „Посебно за еден ваков фестивал којшто ја третира слободната мисла, го третира хуморот, сатирата. И една од многуте важни работи е што ја третира критиката кон општеството, не само во македонското, туку целиот свет. Првиот првиот човек што ме пречека денеска беше маската на претседателот Трамп. Така што, опишани се многу личности во историјата, но најважно е што дава критика на моментално она што се случува во општеството“, изјави Љутков.(Фото: СДК.МК)

    Вевчанци велат дека маските не се само костими, туку силни пораки преку кои гласно, духовито и без страв се кажува вистината.
    За градоначалникот Спасе Кочовски убавината на карневалот е токму во хуморот и сатирата.

    „Секогаш имаме состанок и со Горна и со Долна Маала, но доколку има некое недолично однесување тоа е исто како да снимате филм од Втората светска војна, ако е негативец не можете тој да го уапсите, ова е драма и нема навредување. Убавината на овој карневал е токму во хуморот. Ова е забава, добра дружба, добра мисла“, вели Кочовски.

    Освен сатирата, Вевчанскиот карневал е и чувар на традицијата. Старите обичаи, музиката, народната носија и ритуалите се пренесуваат од генерација на генерација, правејќи го карневалот жив споменик на македонската култура.

    Карневалот потекнува од старите пагански обичаи за бркање на злото и повикување на среќа и бериќет во новата година. Маските, бучавата и ритуалите имаат заштитна улога, а преку нив народот отсекогаш ја изразувал својата мудрост и став кон светот. Тој еден од најпознатите на Балканот и се верува дека е стар 1.400 години. Во 1993, Вевчанскиот карневал официјално стана дел од Светската федерација на карневалски градови.

    Карневалот завршува утре со василичарското оро и традиционалното палење на маските.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира