На Попова Шапка имаше сообраќаен хаос на почетокот на скијачката сезона изминатиов викенд. Патот не беше доволно исчистен, а големиот број возила кои се паркираат покрај ионака тесниот пат создадоа големи потешкотии во нормалното одвивање на сообраќајот.
За целосно да се расчисти патот пред Попова Шапка и да се создадат услови за непречено одвивање на сообраќајот, од ЈП „Паркинг“ вчеравечер апелираа до сопственици на возила паркирани долж патот во ски-центарот „Попова Шапка“ веднаш да ги отстранат своите возила.
„Бидејќи ски-центарот, во соработка со Општина Тетово, ЈП ‘Паркинг’ Тетово и полицијата, од 20:00 часот ќе вршат чистење на патот, непрописно паркираните возила ќе бидат отстранети (одвлечени) од патот од страна на надлежните служби со цел да се овозможи чистење и нормално одвивање на сообраќајот“, велат од „Паркинг“.
Низ сообраќајната гужва викендот не можеа да се пробијат ниту работниците на тетовското комунално претпријатие за да го исчистат насобраниот смет од контејнерите.
„Комуналниот отпад на Попова Шапка се собира редовно, а во текот на зимскиот период предвидено е отпадот да се собира секој ден по 15:00 часот, додека за време на викендите и државните празници собирањето се врши по 19:00 часот. На 11јануари, поради снежни врнежи и непристапни патишта, беше воведена забрана за сообраќај на камиони и немаше можност за пристап до локацијата. На 12 јануари камионот можеше да пристапи до локацијата дури по 15:00 часот. Околу 13:00 часот истиот ден нашиот тим со специјалното возило се обиде да се искачи, но поради густ сообраќај и непрооден пат кон локацијата, полицијата ги запре тимот и камионот и го упати да паркира на локацијата на ЈП Патишта на Македонија, каде што екипата остана повеќе од 2 часа. Ова значи дека екипата на ‘Саубмахер’ Тетово пристигна на локацијата по 15:00 часот, при што сите контејнери беа испразнети, односно локацијата беше целосно исчистена“, соопшти комуналното претпријатие „Саубмахер“.
З. АНДОНОВ



