Машката ракометна репрезентација со убедлив пораз од Данска го започна настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, нејзино осмо по ред. Пред 15.000 гледачи во Хернинг, Македонија загуби со 24:36 (12:17), резултат што не треба да изненадува со оглед на актуелниот статус на противникот.
Домаќинот и прв фаворит на првенството релативно рано создаде солидна предност, што се покажа решавачко и го определи текот на натпреварот. Македонските ракометари сепак не дозволија тоа да се претвори во дебакл, па Данците дури од средината на второто полувреме имаа двоцифрена предност.
И покрај високиот пораз, Македонија не разочара и се потруди да се надигрува со актуелниот олимписки и светски првак и европски вицешампион.
На 18 јануари, Македонија игра со Португалија, а два дена подоцна со Романија.



