Општина Охрид ќе воведува видеонадзор на критичните точки каде најчесто се создаваат диви депонии. Со поставување камери ќе се овозможи навремено откривање на прекршителите, санкционирање според закон и превенција од понатамошно загадување. Ќе се постават 30 видеокамери на места каде постојано се одлага градежен шут, покуќнина и најразличен отпад.
Иако постојано се расчистуваат дивите депонии, за кратко време на истото место повторно никнуваат нови. Во изминатата година, во Охрид нема ниту една изречена казна за нелегално одлагање на отпад според Законот за јавна чистота.
„Дивите депонии со години го нагрдуваат Охрид и претставуваат сериозна закана за животната средина, јавното здравје и туристичкиот имиџ на градот. Фрлањето отпад на одредени локации се случува постојано и токму затоа мора да преземЕме конкретни и ефикасни чекори“, велат од ЈП „Охридски комуналец“.
Додаваат дека поставениот видеонадзор ќе овозможи идентификација на лицата кои фрлаат отпад, а видеоснимките ќе се користат како официјален доказ при изрекување парични казни.
„Детектирани се околу 30 микролокации на кои ќе биде поставен видеонадзор, за полесно да можеме да ги детектираме сторителите. Во изминатата година имаме подигнато околу 1.200 метри кубни кабаст отпад, нешто повеќе од 1.200 метри кубни градежен шут и околу 800 метри кубни зелен отпад“, вели Стевчо Маслов, раководител на јавна хигиена во ЈП „Охридски Комуналец“.
Постојаното појавување на диви депонии, велат надлежните, сериозно го оптоварува работењето на комуналното претпријатие и претставува закана за животната средина и здравјето на граѓаните.
Екологистите велат дека е неопходна едукација и подигање на еколошката свест кај граѓаните.
„На овие депонии, кои се нелегални, граѓаните од општината фрлаат градежен шут, биоразградлив отпад и кабаст отпад, а по интервенција и расчистување од комуналното претпријатие на истите места повторно се депонира отпад. Дивите депонии не се само грда слика, туку сериозна закана за здравјето на сите нас и животната средина. Отпадот нелегално оставен на вакви места ја загадува почвата и подземните води, шири токсични материи и привлекува штетници и болести“, велат од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.
С. ВРЕНЦОВСКА



