И ПРЕД ПОЖАРОТ, ВО „ПУЛС“ СЕ КОРИСТЕА ЗАПАЛЕНИ ФАКЕЛИ, А ВРАБОТЕНИТЕ РАБОТЕА НА ЦРНО, СВЕДОЧИ КЕЛНЕР ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА

    И ПРЕД ПОЖАРОТ, ВО „ПУЛС“ СЕ КОРИСТЕА ЗАПАЛЕНИ ФАКЕЛИ, А ВРАБОТЕНИТЕ РАБОТЕА НА ЦРНО, СВЕДОЧИ КЕЛНЕР ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКАКако што излегувале од запаленото диско, луѓето паѓале еден врз друг пред вратата, сведочеше келнер во кочанската дискотека „Пулс“. (Фото: СДК.МК)

    Кристијан Панов, 20-годишно момче од Кочани и прв сведок на Обвинителството на денешното рочиште за пожарот на 16 март лани во Кочани, кога во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 млади луѓе и деца, изјави дека таму повремено работел како келнер за дневница од 1.500 денари. И неговиот брат Андреј работел како шанкер за дневница од 2.000 денари. Двајцата не биле пријавени од сопственикот, првообвинетиот Дејан Јованов.

    „Пред да се случи трагедијата, се користеа вртечки запалени факели при гостување на диџеј од Грција и танчерки. Имаше само еден влез, односно излез. Лазар, Столе и Ивица беа присутни како обезбедување таа вечер во ‘Пулс’. Тие стоеја на врата и им удираа печати на рацете на оние што купиле карта. Полиција не видов внатре. Имаше и малолетници“, сведочеше момчето чиј брат Андреј загина во пожарот.

    На дополнителни прашања од обвинителката, Кристијан потврди дека обвинетиот Тодор Јованов, брат на првообвинетиот сопственик Дејан Јованов, ги продавал билетите. Тој им продавал карти и на малолетните гости на концертот на музичката група ДНК.

    Кога избувнал пожарот, тој бил надвор да запали цигара. Одеднаш настало стампедо. Сега покојниот Андреј од ДНК на микрофон извикал: „Излегувајте надвор!“.

    Како што излегувале од запаленото диско, луѓето паѓале еден врз друг пред вратата.

    „Влегов внатре да го барам брат ми Андреј. Имаше многу тела, тешко се распознаваа. Светев со мобилниот телефон. Додека го барав, врз мене падна нешто и се распрсна. Излегов. Кога се вратив, го најдов брат ми легнат кај вратата, некој веќе го имаше извлечено. Го препознав по тетоважите“, зборуваше Кристијан, додека неговата мајка не можеше да ги сопре солзите.

    Со братучедот Иле го однеле во болница.

    „Се обидоа со адреналин, но без успех. Се обидов и јас да го оживеам“, сведочеше Кристијан.

    На прашање на адвокатот на обвинетиот Тодор Јованов, Кристијан одговори дека конкретната вечер дошол подоцна и не видел дека Тодор директно им продавал карти на деца таа вечер, но дека претходно го гледал како го прави тоа.

    По него сведочеше Иван Данаилов, кој сега има 25 години. Тој рече дека во импровизираната дискотека „Пулс“ одел уште како малолетник и потврди дека таму постојано биле пуштани малолетни лица и деца.

    Критичната вечер, на 16 март, купил билет од обвинетиот Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на т.н. дискотека адаптирана од производствен погон. Сведокот кажа дека никогаш не добил фискална сметка за купената влезница.

    За двајцата обвинети од обезбедувањето рече дека едниот го скинал билетот, а другиот му ставил печат на раката. Сепак, тој додаде дека кога сакало, обезбедувањето го почитувало законот, односно кога претходно како малолетник му барале лична карта, а тој ја немал, тие вечери не успевал да влезе.

    Критичната вечер, пред да избувне пожарот, полицијата влегла во рација, но не ја прекинала забавата. Кога членовите на групата ДНК ги повикале сите да излезат бидејќи се запалил дел од покривот над бината, Иван тргнал кон вратата, но на последната скала паднал и бил затрупан од толпата. Стојанчо, лице од обезбедувањето, го извлекол од дното.

    „Бев приклештен и затрупан најдолу. Го видов Столе од обезбедувањето и му викнав да ми помогне. Пружив рака, тој ме извлече, за што јавно му се заблагодарувам“, кажа момчето.

    Според неговото сведочење, никој не ги насочувал ниту ги водел гостите кои се обидувале да се спасат. На прашање од обвинителот, тој потврди дека видел тројца полицајци надвор пред разгорениот објект, но тие не преземале ништо и не влегле за да ги извлекуваат задушените или изгорените лица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира