Европската Унија и Индија објавија дека постигнаа значаен трговски договор по речиси две децении разговори, додека двете страни сакаат да ги продлабочат врските во услови на тензии со САД.
„Ја склучивме мајката на сите договори“, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со индискиот премиер Нарендра Моди во Њу Делхи.
Моди го нарече договорот историски. Тој ќе овозможи слободна трговија помеѓу блокот од 27 европски држави и најнаселената земја во светот, кои заедно сочинуваат речиси 25% од глобалниот бруто домашен производ и пазар од две милијарди луѓе. Се очекува договорот значително да ги намали царините и да го прошири пристапот до пазарот за двете страни.
„Претрпевме огромни загуби откако беа воведени царините, луѓето во САД беа наши главни клиенти. Се надеваме дека договорот со Европејците ќе ни помогне на сите нас“, изјави за „Дојче веле“ Атул Мехра, кој работи на пазар во Њу Делхи.
Додека САД кажаа дека високите царини од 50% имаат за цел да ја одвратат Индија од купување руска нафта, се чини дека ЕУ усвоила поинаков пристап за да ја одвлече Индија од орбитата на Москва – поголема трговија и посилни одбранбени врски. На самитот во Њу Делхи, ЕУ и Индија го финализираа договорот за слободна трговија и треба да потпишат ново безбедносно и одбранбено партнерство, трет таков договор на Брисел со азиска земја, по Јапонија и Јужна Кореја.
ЕУ и Индија, исто така, ќе започнат нова рамковна соработка за мобилност на работната сила, според која ЕУ сака да привлече висококвалификувани и сезонски работници од Индија.
„Секако, во согласност со потребите на пазарот на трудот на Европската Унија“, рече еден европски дипломат.
ЕУ сака да ја истражи и потенцијалната улога на Индија во нејзината водечка програма за истражување и иновации, „Хоризонт“.
„Лидерите ќе ја разгледаат и поврзаноста. Особено сме фокусирани на економскиот коридор Индија-Блиски Исток-Европа, кој би создал нови транспортни, дигитални и енергетски врски меѓу Индија и Европа преку арапските земји и Израел“, додаде дипломатот.
Според податоците на Брисел, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Индија. Се очекува Индија до 2030 година да стане третата најголема економија во светот, по Кина и САД.
ЕУ се надева дека Индија ќе ги укине своите познати високи царини за увезени возила, кои моментално се повеќе од 100%, со што ќе ја зајакне европската автомобилска индустрија соочена со конкуренција од Кина. И како што Индијците напредуваат економски, европската индустрија за алкохолни пијалаци е подготвена да ја задоволи побарувачката за квалитетни вина и жестоки пијалаци. Како дел од договорот, се очекува Индија да ги укине своите екстремно високи царини за алкохол, кои сега достигнуваат до 150% за увезени вина.



