ОБВИНЕНИЕ ЗА ПОРАНЕШНАТА ДИРЕКТОРКА И УШТЕ СЕДУММИНА ЗА ПРОНЕВЕРИ И ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА

    ОБВИНЕНИЕ ЗА ПОРАНЕШНАТА ДИРЕКТОРКА И УШТЕ СЕДУММИНА ЗА ПРОНЕВЕРИ И ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦАЗа проневера обвинети се поранешна директорка и уште тројца вработени во болницата, кои во периодот од почетокот на 2022 до јули 2024 проневериле над 155.000 евра, соопшти Обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен акт против 8 физички и едно правно лице за продолжени кривични дела Проневера во службата и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство во Општа Болница Прилеп. За дејствија на проневера, предвидено во член 354 од Кривичниот законик, обвинети се поранешната директорка и уште тројца вработени во болницата, кои во периодот од почетокот на 2022 до јули 2024 противправно присвоиле пари доверени во службата и прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 9.605.081 денари (над 155.000 евра), соопшти Обвинителството.

    „Преку фиктивни налози за работа и обрасци/каси исплати со невистинита содржина за наводно извршени работи за потребите на болницата на физички лица им исплаќале средства од остварениот промет од наплата на партиципација за здравствени услуги, без користење на системот на УЈП, без склучени договори за дело и без документација за оправданост на трошењето“, вели Обвинителството.

    Исплатите често се правдале со фискални сметки за гориво, но и со фискални сметки од пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња, слаткарници и други угостителски објекти, односно како трошења кои не биле за потребите на болницата. Со цел да ги прикријат дејствијата, во компјутерскиот сметководствен систем на болницата внесувале податоци со невистинита содржина и вршеле корекции на креираните записи, внесувајќи нови износи кои одговарале на фиктивно изготвени налози за работа.

    За дејствијата на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в се обвинети поранешната директорка и еден обезбедувач во болницата, управител и двајца сопственици на правно лице за обезбедување на имот и лица, како и самата агенција за обезбедување.

    Според Обвинителството, сите тие заеднички, со умисла, во два наврати, свесно ги повредиле прописите за доделување на договор за јавна набавка, со неизвршување на обврските од договорот за физичко обезбедување на болницата и со намера истиот да се изигра, па со тоа му овозможиле на обвинетото правно лице да оствари значителна имотна корист во вкупен износ од 6.567.538 денари (над 105.000 евра), додека на болницата и била нанесена значителна штета. Иако ангажираната фирма не ги исполнувала обврските од договорот, се вршела фиктивна евиденција и услугите редовно им се исплаќале по доставените фактури.

    Освен ова, поранешната директорка на прилепската болница е обвинета и за продолжени кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи „во повеќе наврати кон угостителски објекти – кафеани и ресторани, како и кон колонијални продавници одобрувала исплата на средства од контото храна за болни, иако набавените услуги и производи не биле наменети за потребите на хоспитализираните пациенти во болницата“. На овој начин и нанела поголема имотна штета на болницата во вкупен износ од 1.439.987 денари (околу 23.000 евра).

    Според Обвинителството, во периодот од 2022 до 2024 обвинетата директорка вршела и неосновани исплати на додатоци за прекувремена работа на повеќе селективно избрани вработени, со што буџетот на болницата го оштетила за дополнителен вкупен износ од 1.850.895 денари (околу 30.000 евра).

    Од Обвинителството велат дека за еден дел од дејствијата кои беа предмет на истрагата поведена по кривична пријава од Управата за финансиска полиција и врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија (ДЗР), продолжува истражна постапка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира