Сведокот Петар Марковски на денешното судење кажа дека вечерта бил со десетина другари на концерт на музичката група „ДНК“ во кочанската дискотека „Пулс” на 16 март лани, кога во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Марковски кажа дека купиле карти од обвинетиот Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на изгореното диско. Рече дека никогаш не им давале фискални сметки.
Обезбедување имало секогаш, но легитимација никогаш не му била барана.
Тој кажа дека имало врата зад шанкот за евакуација на малолетници во случај на полициска рација.
Бидејќи одел во диското седум години, сведокот кажа дека пред реновирањето плафонот бил повисок, но по реновирањето плафонот бил спуштен.
„Најмалку десетина пати кога сум бил во ‘Пулс’, биле користени пиротехнички средства”, посведочи 25-годишниот Марковски дека постојано се палело пиротехника во тој импровизиран објект за производство, без минимум стандарди и исполнување на условите за дискотека или ноќен клуб.
Сведокот го опиша настанувањето на пожарот.
„Се активираа прскалките. Се запали плафонот од сунѓер. Знам дека беше сунѓер, бидејќи се гледаше сунѓерот. Настана стампедо кон вратата. Јас се онесвестив. Кога се освестив, бев под два-тројца. Пробав да ги разбудам, не успеав. Не можев да станам, морав да ги соблечам патиките. Истрчав надвор, видов еден од другарите како лежи пред диското. Помагав, на сите им требаше помош. Се упативме кон болницата да помагаме. Останав таму до изутрината”, раскажувaше младиот човек.
Чадот бил густ. Мирисот бил на изгорена пластика. Никој не ги упатувал гостите кај да се движат, што е обврска на обезбедувањето.
Тој тврдеше дека со реновирањето, една од дополнителните излезни врати била покриена со сепаре.
„Бев на лекување во Словенија. Ми беа изгорени дишните патишта, а белите дробови биле 100 отсто црни. Сега чувствувам последици со намален капацитет на дишење“, рече тој.
По него сведочеше Дејан Манасијев, кој 13 години работел како шанкер во „Пулс” , од кои 11 работел непријавен. Хонорарите ги земал на рака, во кеш.
С. К. ДЕЛЕВСКА



