Володимир Зеленски објави дека 55.000 украински војници загинале од почетокот на војната со Русија пред речиси четири години. Во интервју со телевизијата „Франс 2“ Зеленски кажа дека голем број луѓе се водат како исчезнати.
Иако Москва и Киев редовно ги објавуваат проценките на бројот на убиени на другата страна, тие досега ретко ги признаваа сопствените жртви. Би-Би-Си досега ги потврдил имињата на речиси 160.000 војници кои загинале борејќи се на страната на Русија.
Зеленски последен пат го даде билансот на украинските жртви во декември 2024, кога кажа дека загинале 43.000 војници.
„Во Украина, официјален број на војници убиени на бојното поле, и професионалци и регрутирани, е 55.000. Во исто време, голем број луѓе се регистрирани како исчезнати“, рече Зеленски.
Пред шест месеци, украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека повеќе од 70.000 луѓе се водат како исчезнати, што вклучува и војници и цивили.
И покрај огромните жртви и американските напори за склучување примирје, крајот на војната и натаму не е на повидок. Денеска во Абу Даби заврши втората трилатерална средба САД-Русија-Украина и засега е објавено само дека била договорена размена на 314 воени заробеници.



