ГЛУТНИЦА КУЧИЊА ИЗГРИЗА УЛТРАМАРАТОНКА НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, НА ИНФЕКТИВНА НЕ ДАВААТ ТЕТАНУС АКО НЕ ЛЕЖАТ НА КЛИНИКИТЕ

    ГЛУТНИЦА КУЧИЊА ИЗГРИЗА УЛТРАМАРАТОНКА НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, НА ИНФЕКТИВНА НЕ ДАВААТ ТЕТАНУС АКО НЕ ЛЕЖАТ НА КЛИНИКИТЕУлтрамаратонката Сања Николовска-Најдовски добила угризи на 7 места. (Фото: Фејсбук)

    Неколку скопјани минатата недела се искасани од глутници кучиња на кејот на реката Вардар во Скопје. Ултрамаратонката Сања Николовска-Најдовски била нападната на 3 февруари додека тренирала на кејот од десетина кучиња кои трчале по неа и ја искасале на двете нозе.

    „Околу 500 метри пред ‘Александар палас’ на кејот се симнуваат 5,6 кучиња и лаат, застанувам, пробувам да ги избркам со викање, неуспешно, Се спуштаат уште десетина кучиња и едно од нив ме гризнува. Ми го попречуваат патот накај Влае, прават полукруг. Во моментот смислив дека најпаметно е да трчам назад. Побрзо во животот немам трчано, трчав и викав по нив да престанат да ме касаат. Трчав и ме гризеа околу 5 минути сèдодека не се сопнав и паднав, наеднаш сè престана. Хеланките ми беа искинати, отисоци од заби имав на двете нозе. Викнав полиција и отидов во Градската болницата ‘8 Септември’ каде примив тетанус, на Клиниките немало. Добив угризи на 7 места, антибиотици, спрееви, преврски, лузни, извештаи, записници. И страв, од кучиња, страв од градот и од државата каде што живеам, овде обичниот човек не вреди ништо“, вели ултрамаратонката Николовска-Најдовски.

    На 7 февруари, на кејот не реката Вардар додека трчал бил нападнал и 44-годишен скопјанец од големо агресивно куче кое го каснало кај подколеницата. Откако бил каснат, заминал во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде на Ургентно го примиле, го прегледале и му ја исчистиле и преврзале раната и го пратиле на Клиниката за инфективни болести, каде според протоколот треба да прими тетанус.

    На Инфективна клиника му рекле дека им се потрошени залихите и го упатиле сам да си купи тетанус серум и тетанус вакцина од аптека. Пешки, куцајќи со ногата отишол до аптека и купил тетанус ампула која чини 1.050 денари. Во извештајот од Инфективна е наведено дека сам си купил за да му следи рефундација од Фондот за здравство.

    Директорот на Инфективна клиника Фадил Цана, вели дека располагаат со антитетанична профилакса исклучиво за потребите на хоспитализираните пациенти на самата клиника и во рамки на Клиничкиот центар.

    „Како терциарна здравствена установа немаме ниту надлежност ниту капацитет да обезбедиме антитетаничнана профилакса за целата држава. Националната достапност и дистрибуција на антитетаничната профилакса е обврска на системот на примарното и секундарното здравство, во координација со надлежните здравствени институции. Пренесувањето на оваа одговорност на терциарно ниво и адресирањето на овој проблем кон Инфективната клиника претставува или неадекватна информираност или непознавање на основното функционирање на здравствениот систем на една држава“, вели Цана.

    Во билтените на Министерството за внатрешни работи (МВР) постојано има пријави од искасани граѓани од кучиња скитници низ цело Скопје. Но, и покрај тоа проблемот не се решава.

    Од ЈП „Лајка“ велат дека проблемот не можат да го решат сами бидејќи кучиња со комбиња се носат од други градови.

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски минатата недела, одговарајќи на советничко прашање за големиот број улични кучиња, рече дека проблемот ќе се решава преку камерите на „Безбеден град“.

    „Годинава предвидовме 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ‘Лајка‘. Со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имавме средба за носењето на кучиња од други градови и преку камерите на ‘Безбеден град’ ќе се казнуваат ваквите појави. Очекувам дека до крајот на годинава ќе имаме конкретни резултати“, рече Ѓорѓиевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира