ШЕСТПАТИ Е ОТКРИЕНА ДРОГА ВО ТЕТОВСКИТЕ ШКОЛИ, КАСАМИ БАРА ВРАБОТУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР ЗА РАБОТА СО ДЕЦАТА ЗАРАДИ ЗАШТИТА

    ШЕСТПАТИ Е ОТКРИЕНА ДРОГА ВО ТЕТОВСКИТЕ ШКОЛИ, КАСАМИ БАРА ВРАБОТУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР ЗА РАБОТА СО ДЕЦАТА ЗАРАДИ ЗАШТИТАВо соработка со Секторот за образование на Општина Тетово и училиштата, ќе ангажираме дополнителен професионален кадар во училиштата каде тој недостасува, вели Касами. (Фото: СДК.МК)

    Шестпати лани е откриена дрога во основните и средните училишта во Тетовскиот Регион, вели полицијата. Ова го вклучи алармот кај општинските власти кои, во соработка со СВР Тетово, за оваа година најавуваат уште посериозен ангажман како во откривање на овие кривични дела, така и за едукација на учениците за штетноста од дрогата.

    „Како резултат на засилената соработка помеѓу Општина Тетово, училиштата и СВР Тетово, има зголемено откривање на такви злоупотреби. Униформирани полицајци и инспектори од Секторот се во близина на основните и средните училишта работејќи на откривање на ваквите девијантни појави од страна на деликвентите. Покрај ова, во соработка со Советот за борба против детската деликвенција, работиме на засилено советување со учениците од сите основни и средни училишта. Во договор со Советот, дополнително ќе ангажираме и едно здружение кое ќе дава професионални консултации за децата, а исто така во соработка со Секторот за образование на Општина Тетово и училиштата, ќе ангажираме дополнителен професионален кадар во училиштата каде тој недостасува. Покрај ова, работиме со Министерството за образование на тоа да добиеме согласност за трајно вработување на ваков кадар. Овие мерки постепено ќе придонесуваат да се намали бројот на корисници и деликвенти кои користат дрога“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами.

    Според СВР Тетово, во 2025 година во подрачјето што го покрива Полициска станица Тетово и подрачните полициски одделенија се евидентирани два прекршоци сторени од малолетници кај кои била пронајдена и одземена марихуана и едно кривично дело сторено од малолетник за Недозволена трговија и пуштање во промет на наркотични средства психотропни супстанции и прекурсори. Исто така во овој период, во едно основно училиште во подрачјето на полицијата во Теарце фатени се двајца малолетни ученици кај кои била пронајдена и одземена марихуана.

    „За сите регистрирани случаи биле изготвени соодветни поднесоци до ОЈО Тетово и до надлежниот суд. Додека за други пријавени два настани сè уште се чекаат резултати од вештачење од надлежен орган“, соопшти СВР Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира