Британка која била застрелана од татко ѝ додека му била во посета во Тексас се расправала со него за американскиот претседател Доналд Трамп претходно истиот ден, утврдила истрагата. Луси Харисон била застрелана во градите на 10 јануари 2025 во Проспер во близина на Далас.
Локалната полиција ја истражуваше смртта на 23-годишната девојка како можно убиство од небрежност, но не беше покрената кривична постапка против Крис Харисон откако големата порота во округот Колин одбила да го обвини. Нејзиното момче Сем Литлер кажа дека Луси пред пукањето имала голема расправија за Трамп, кој се подготвуваше да биде инаугуриран за својот втор мандат.
Литлер, кој патувал во САД со Луси Харисон, рече дека таа честопати му се лутела на својот татко кога зборувал за поседување оружје. Крис Харисон, кој се преселил во САД кога Луси била дете, претходно бил на рехабилитација за зависност од алкохол. Тој признал во изјава испратена до судот дека на денот на пукањето испил околу половина литар бело вино.
Крис Харисон тврдел дека случајно ја застрелал Луси кога ѝ го покажувал својот полуавтоматски пиштол, но не се сеќавал дали прстот му бил на чкрапалото.
„Додека го кревав пиштолот за да ѝ го покажам, одеднаш слушнав силен тресок. Не сфатив што се случи. Луси веднаш падна“, рекол тој во истрагата.
