Очекувам до јуни да бидат монтирани трите катни гаражи и ќе има вкупно докај 1.500 места за паркирање во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, најави министерот за здравство Азир Алиу. Сега има околу 1.000 паркинг места. Катните гаражи ќе бидат монтирани на три локации: на местото на поранешната ковид-болница до Инфективната клиника, до Клиниката за гинекологија и акушерство и на просторот кај хелиодромот. Уште не се знае на колку спрата ќе бидат монтажните гаражи.
Министерот кажа дека на 10 февруари на Влада поминала одлуката за давање под закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплексот.
„Во следната фаза, Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи и инфраструктурно уредување. Договорот ќе биде склучен на 15 години, со закупнина во висина од 10% од вкупниот остварен промет. Со ова овозможуваме модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање. Меѓудругото ќе има: информативни табли и посебен дигитален водич за насочување на граѓаните, урбано и хортикултурно уредување (зеленило, пешачки патеки и осветлување, паметен паркинг систем, интегрирани сензори на секое паркинг место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возила, мобилна апликација за резервации и плаќање во реално време“, кажа Алиу на денешната прес-конференција.
Ќе има неколку вида на плаќање на паркинг местата. За онколошките пациенти и понатаму ќе биде бесплатен паркингот, а ќе има различни цени за пациенти кои се лекуваат, за вработените во Клиничкиот центар и трета цена за граѓаните коишто се паркираат заради други причини или за да посетат некој нивен хоспитализиран на клиниките.
На новинарско прашање како тоа ќе се регулира, Алиу рече дека ќе има два начина.
„Едниот начин е преку апликацијата, ќе може од дома да резервирате паркинг место, и ако сте пациент, со бројот на упатот. Ако тоа не го правите преку апликацијата, имајќи предвид дека граѓаните и немаат толку вештини за да може тоа да се аплицира, може тука кога ќе бидат пред рампата да се скенира само кју-ар кодот од упатот и автоматски ќе може да добијат цена за услуга којашто е наменета за пациент. Ако сте вработен, ќе имате кју-ар код како вработен или исто така ќе може да се резервира преку истата апликација. Ако сте граѓанин којшто нема упат, едноставно комерцијална цена, ќе треба само да влезете, ќе се отвори рампата, ќе најдете паркинг место и ќе се плати или онлајн преку истата апликација или ќе биде стандардно како што и досега е преку плаќање со кеш или со картичка“, додаде министерот.
Алиу кажа дека Град Скопје и „Градски паркинг“ ги уредуваат цените, кои се носат во Советот на Град Скопје.
„Ние се сложивме дека во договорот ќе стои оти мора да има четири вида на цени, почнувајќи од комерцијалното до бесплатно паркинг место. И тие ќе мора законски да поминат низ тие административни процедури во Град Скопје“, кажа министерот.
- ПРВО ДА ГИ ОБЕЛЕЖИМЕ ПАРКИНГ МЕСТАТА НА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ПА ЌЕ НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУ
- ПАРКИНГОТ НА КЛИНИЧКИ НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ФИРМАТА „ЃОКА“ ОД АЛБАНИЈА, ПОНИШТЕН Е ОГЛАСОТ
Б. НЕСТОРОСКА



