Кумановците кои работеа во американските бази во Ирак и Авганистан, денеска организираа марш од Управата за јавни приходи (УЈП) до Општина Куманово, незадоволни од динамиката на решавање на нивниот проблем за ретроактивно оданочување на приходите што ги оствариле во странство. Тие велат дека и покрај тоа што имале средба со надлежните во УЈП и со претставниците во Советот на Општина Куманово, немаат повратни информаци до каде се работите за кои се договориле.
„Од УЈП немаме информација до каде е постапката што ја водат со документот што е доставен од американската фирма. Сакаат да нè држат во неизвесност до крајот на април кога ќе биде конечното решение. Ние не можеме да се ослониме на тоа, и не знаеме што ќе донесе тој документ. Општина Куманово ни направи опструкција со тоа што не одржа седница на Совет оваа недела како што ни беше ветено, туку ќе има редовна седница на 25 февруари. Ние бараме Советот да ни помогне да ги подигнеме работите на централно ниво во врска со прибирањето на докази од другите држави, кои луѓето не можат да ги извадат сами“, кажа Жикица Миланов, еден од засегнатите граѓани.
Додека траат преговорите, повеќето граѓани поднеле тужби до Основниот суд Куманово во законскиот рок врз основа на издадените решение. За нивниот проблем е известен и Народниот правобранител од каде што чекаат одговор, а ќе формираат здружение „Правда за сите“, кое ќе се бори за нивните права. Тие кажаа дека ќе поднесат тужби за несовесно работење на надлежните институции и ќе организiраат нови протести наредната недела.
- ТЕТОВЦИ И КУМАНОВЦИ ЗАЕДНО ПРОТЕСТИРАА ПРЕД УЈП ВО ТЕТОВО ПОРАДИ ДВОЈНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ОД СТРАНСТВО ОД 2020
- НЕМА ДА ПЛАЌАМЕ ЗА ГРЕШКАТА НА УЈП, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО ТЕТОВО ЗА ДВОЈНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ОД СТРАНСТВО ОД 2020
Протестите на граѓаните пред УЈП во Куманово почнаа пред Нова година, кога им стигнале првите извршни решенија за 2020 година, откако не им биле признаени доказите што ги приложиле за ослободување од данокот.
На 27 јануари имаше заедничкии протест на кумановците и тетовците пред дирекцијата на Управата за јавни приходи во Тетово, а засегнатите тетовци повторно потестираа на 9 февруари.
С. НИКОЛИЌ



