Во Драмскиот театар во Скопје речиси една година нема пристигнато комплетен драмски текст на конкурсот за наградата „Горан Стефановски“, наменет за млади автори до 30 години. Наградата изнесува 60.000 денари (околу 1.000 евра). Наградата беше востановена лани, а конкурсот траеше 15 дена почнувајќи од 6 февруари.
Поради недоработени драмски текстови кои пристигнале на конкурсот, Драмски театар на 28 април соошти дека одлучи да не се додели наградата. Од тогаш, конкурсот беше и уште е продолжен до 28 февруари годинава.
Директорот на Драмски, Роберт Вељановски, вели дека ако и годинава не стигне текст или пак не се избере, со одлука на Управниот одбор на Драмски ќе ги променат пропозициите и веројатно ќе нема ограничување за возраста на авторот на текстот.
„Ако наградата не се доделува, не ја разбирам смислата за нејзиното постоење. Ако треба само да формираме жири комисии кои ќе проценуваат нешто, а притоа немаме резултат од тоа, мислам дека тоа е изгубено време, пари, ресурси и така натаму“, кажа Вељановски на прес-конференција за премиерата на претставата „Џеки“.
Наградата треба да се додели на 27 април, роденденот на еден од најзначајните совемени македонски драматурзи Горан Стефановски, кој почина во 2018 на 66 години. Автор е на култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и ред други и беше еден од авторите на најпопуларната ТВ-серија „Бушава азбука“.
Од 1974, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски, до праизведбата на „Огнени јазици“ во 2013, исто така во режија на Унковски, на сцената на Драмски театар се поставени 15 премиери од Стефановски, од кои осум се праизведби.
Лани, во образложението на жири-комисијата стоеше дека аналитично и детално ги разгледале драмските дела кои се доставени во рокот и ги исполнуваат условите согласно со објавениот конкурс.
„Авторите на доставените драмски текстови обработуваат различни теми, инспирирани од различни општествени состојби. По формата и структурата, драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат докрај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег. Напротив, Комисијата верува во потенцијалот и квалитетот на младите автори и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови“, рече жирито во образложението.
- ДРАМСКИ ТЕАТАР НЕ ЈА ДОДЕЛИ НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ ОТИ ПРИСТИГНАЛЕ НЕДОРАБОТЕНИ ТЕКСТОВИ ОД МЛАДИ АВТОРИ
- ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ОД СКОПЈЕ ОБЈАВИ КОНКУРС ЗА НОВ ТЕКСТ ОД АВТОР ДО 30 ГОДИНИ, НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ Е ИЛЈАДА ЕВРА
- ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ДОДЕЛУВА НАГРАДА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ ЗА НАЈДОБАР ТЕКСТ ОД МЛАД АВТОР
Б. НЕСТОРОСКА



