На неполна недела пред карневалското дефиле во Струмица, подготовките се во полн ек. Речиси сите учесници ги финишираат маските со кои на 21 февруари ќе продефилираат по улиците на градот. Индивидуалци, училишта, карневалски здруженија и неформални групи ги прават последните подготовки, а според најавите и годинава ќе има шаренило од бои и впечатливи креации што ќе привлечат илјадници посетители.
Во три работилници во Струмица, карневалското здружение „Струма“ ја изработува годинашната маска за Струмичкиот карневал. Во едната се довршуваат деталите, во друга се шијат костимите, додека во третата се подготвува возилото. Маската е насловена „Аманет“, во чест на нивниот член Бранко Достинов, еден од основачите на групата. Тој постојано им сугерирал на членовите да работат, да се маскираат, да ја продолжат традицијата и да внесуваат млади во карневалската магија. Годинава нивната маска ќе брои 40 учесници, а возилото ќе биде долго 14,5 и високо околу 4,5 метри, симболизирајќи ја темата на маските.
„Карневалот е вроден во нашите души, ние си го сакаме карневалот и си ја сакаме традицијата од сè срце. Тие моменти, тие два-три часа живееме во друг свет, во една магија што нè исполнува, тоа е нешто посебно. Ако не си маскиран тешко може да се почувствува тоа“, вели Добрила Достинова.
Мажите од групата „Струма“ три месеци го изработуваат возилото. Повеќе стотици килограми железни профили, текстил и сунѓер ќе ја доловат карневалската маска. Се собираат навечер во механичарска работилница каде што посветено работат на конструкцијата.
„Тоа е една сила или љубов кон карневалот. Многу денови работа за три часа претставување. Најтешко ни е кога ја напуштаме трасата, а сме вложиле толку труд во возилото. Но кога ќе ги слушнеш позитивните реакции од граѓаните, некако полесно е“, вели Митко Кармзов, задолжен за подготовка на возилото.
Карневалската група „Мулен руж“ годинава на Струмичкиот карневал ќе се претстави со маската „Меѓу мудроста и силата“. Речиси еден месец ја подготвуваат креацијата во која мажите ќе бидат кентаури, претставувајќи ја грчката митологија на современ начин. На едно место се конструираат, шијат и дотеруваат сите модели. Се користат ПВЦ цевки, тркала, сунѓер, тврда хартија, перики и бројни блескави декоративни елементи.
„Преку оваа маска сакаме да илустрираме дали сме во светот на луѓето или во светот на животните. Речиси сите членови работиме. Годинава ќе немаме возило. Како група постоиме од 2003 година и досега поминаа голем број членови. Во овој формат сме од 2017. Зошто се маскираме? Тоа е бегство од секојдневието во еден друг, нереален свет, но за нас реален“, вели Анита Станковска од групата која годинава ќе настапи со 24 члена, од кои девет се од подмладокот.
Маските се изработуваат во вечерните часови, по завршување на работните обврски. Членовите се собираат на едно место, се дружат, разменуваат идеи, а понекогаш доаѓа и до несогласувања околу одредени решенија. Сепак, мислата дека три часа ќе бидат нешто сосема друго и ќе предизвикаат позитивни емоции кај публиката ги мотивира да истраат до крај.
Годинава на Струмичкиот карневал ќе настапат вкупно 41 поединечна и групна маска со над илјада карневалисти од земјава и странство. Единаесет групи ќе пристигнат од Бугарија, Србија, Хрватска и Црна Гора, а останатите учесници се од Струмица, како и од Виница, Куманово и Пробиштип.
Официјално, карневалските свечености започнуваат на 18 февруари кога градоначалникот Петар Јанков ќе го предаде клучот на градот на Танкица Стојанова, претседателка на Организацискиот одбор на карневалот.
В. ТРАЈКОВ










