Владата вели дека СДСМ шири хистерија откако лидерот на опозициската партија Венко Филипче побара одговори од премиерот Христијан Мицкоски за тоа кој патувал со него во владиниот авион на летот за Сплит во август минатата година. Од СДСМ велат дека премиерот го користел државниот ресурс за заминување на одмор и бараат отчет за сопатниците на овој лет.
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот“, кажа Филипче.
Од Владата одговорија дека авионот се користи исклучиво во согласност со прописите и дека секое негово движење е евидентирано, документирано и подлежи на институционална контрола. Тие велат дека обвинувањата од опозицијата се политичка хипокризија, додавајќи дека претходната власт ги уривала стандардите на отчетност и го користела авионот за патувања кои останале контроверзни во јавноста. Од Владата велат дека авионот сега се користи и за хуманитарни цели, како што беше случајот со координацијата при пожарот во Кочани.
Но, од Владата не одговорија на прашањето со кого летал премиерот на летот за Сплит.
Податоците од Службата за општи и заеднички работи, кои ги објави ТВ Телма за периодот од јуни 2024 до декември 2025 година, покажуваат дека владиниот авион бил употребен вкупно 40 пати, без да се сметаат летовите за сервисирање и специјалните медицински евакуации. Најчеста дестинација во овој период била Будимпешта, каде биле реализирани седум летови.
Најчест корисник на авионот е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со 13 летови на релации кон Рим, Истанбул, Копенхаген и градови во регионот. Веднаш по неа е министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, кој летал 11 пати, од кои шест биле кон главниот град на Унгарија.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го користел авионот седум пати, вклучувајќи го и летот до Џеда во Саудиска Арабија. Премиерот Мицкоски го користел авионот трипати, за патувања до Будимпешта, Тирана и споменатиот лет до Сплит на 10 август лани, кога беше кажано дека тој заминува на одмор во Хрватска.
Во време на претходната влада, државниот авион со ознака Z3-MKD можеше да се следи на специјализираните веб-сајтови како „Флајт Радар“, но од минатото лето овие податоци веќе не се јавно достапни.



