Општина Центар засега не може да издаде градежна дозвола за изградба на 25-катница и 10-катница на местото на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“. Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката да се изврши техничка исправка во градежната парцела и со тоа Општината нема техничка можност да издаде одобрение за градба ако тоа го побара градежникот.
Како што стои во објаснувањето од Општината, техничката исправка треба да се направи поради грешка во техничкото исцртување, испишување и опремување на планот, отсуство на регулаторна линија, односно поради изостанување на планска одредба за граница на градежна парцела што се дефинира на графички начин со полна зелена линија со дебелина од 0,5 мм.На седницата присуствуваа и жители на околните згради кои рекоа доколку се изгради оваа зграда чудовиште ќе останат без зрак сонце и целосно ќе им се наруши хуманото живеење.
„Тука веќе е толку пренатрупано, па замислете каков хаос ќе се случи доколку се изгради ова чудовиште. Не знам каде ќе се паркираат сите тие возила и дали ќе остане слободен простор за живеење. Ве молиме да најдете начин и да не дозволите оваа зграда да се изгради“, рече Ангел Цветков, трета генерација жител во зградите зад „Нова Македонија“.
Советниците од „Шанса за Центар“ рекоа дека според Деталниот урбанистички план (ДУП), за овој дел површината за градба е 105.000 метри квадратни на основа од 5.200 метри квадратни.
„Согласно правилникот за урбанистичко планирање за таа површина со деловна намена потребни се 1.750 паркинг-места, кои може да се обезбедат само со 10 подземни нивоа. Коефициентот на искористеност е k=17, иако за сите околни градби е 4 или 5. Пристапниот пат до влезот за гаражата е залепен до постојните стари објекти без можност за тротоар“, рече советничката од „Шанса за Центар“ Билјана Филиповска-Тодорчевска.
Советниците од Левица рекоа дека се против оваа измена оти на било кој начин мора да се спречи изградбата на 25-катницата. Советнците од ЗНАМ рекоа дека ќе гласаат „против“ бидејќи ако се гласа „за“ се дава зелено светло утре да се почне со градење.
Советнците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ќе гласаат против, но им пречеше што советнците од „Шанса за Центар“ и Левица имаа дискусии на седницата велејќи дека прават пи-ар, се снимале за да се објавуваат на социјални мрежи и дека од вчера создаваат паника објавувајќи слика од зградата на Фејсбук. Рекоа дека на Комисијата за урбанизам едногласно било одлучено дека нема да се поддржи оваа точка и нема потреба да се водат дискусии кога сите биле против изградбата на зградата.
Од Секторот за урбанизам рекоа дека оваа одлука е само исправка на техничка грешка, а не носење на Детален урбанистички план и проект за градба.
„ДУП-от за овој дел е донесен во 2012 година. Сите знаете дека и со измена на план не можеме да намалиме катност, не може да се одземе веќе дадено право. Денес станува збор за техничка исправка во парцелата. Исто така манипулирате со бројки, максималната дозволена висина е 25 ката, но може инвеститорот ќе гради помал објект“, рекоа од Секторот на урбанизам.
На ова излагање, советникот од „Шанса за Центар“ Јане Димевски ја праваша општинарката дали ако не се изгласа техничката исправка тие ќе можат да издадат градежна дозвола на инвеститорот. На ова, од Секторот за урбанизам одговорија дека нема да може да се даде градежна дозвола ако не се направи техничка исправка. Но, додадоа дека инвеститорот сега може да ја тужи Општината, по што ќе треба да се исплати оштета од буџетот на Општина Центар. Исто така тогаш ќе добијат и судска одлука за постапување според одредбите од ДУП-от.
На крајот, сите советници гласаа против точката и со тоа не се изврши техничката измена.
Како што ни изјавија од Општина Центар, досега кај нив не е пристигнато барање за издавање градежна дозвола.
Деталниот урбанистички план за овој дел со кој се нацртани марчичките за 25-катницата и 10-катница е донесен во 2012, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а ВМРО-ДПМНЕ го имаше мнозинството во Советот кој го гласаше овој ДУП-от, како и сите други со кои се смени ликот на Скопје.
А. АНТЕВСКА



