СВЕЧЕНИОТ ОТЧЕТ НА ЃОРЃИЕВСКИ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА БИЛ БЕСПЛАТЕН ЗАШТО ГРАД СКОПЈЕ СКЛУЧИЛ МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

    СВЕЧЕНИОТ ОТЧЕТ НА ЃОРЃИЕВСКИ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА БИЛ БЕСПЛАТЕН ЗАШТО ГРАД СКОПЈЕ СКЛУЧИЛ МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКАВообичаено, Филхармонија наплаќа за изнајмување на просторот за настани вон нејзината програма, а се издава бесплатно само со дозвола од Министерството за култура;- Градоначалникот Ѓорѓиевски на свечениот отчет дојде со сопругата. (Фото: Град Скопје)

    Бесплатно била дадена салата на Филхармонијата, во која синоќа се одржа свечениот отчет за 100 дена мандат на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од Град Скопје велат дека не платиле за изнајмување на салата, бидејќи бил потпишан меморандум за соработка меѓу двете институции.

    „Отчетот што одржи во просториите на Филхармонија е настан во организација на Град Скопје, со јавен и институционален карактер. Филхармонија не е изнајмена, туку ќе биде користена во рамки на официјална соработка меѓу Град Скопје и Филхармонија, заснована на потпишан меморандум за соработка. Овој меморандум предвидува заемна поддршка за културни и јавни настани, како настани што ги организира Градот, така и настани што ќе ги организира самата Филхармонија со поддршка од Град Скопје“, одговорија  од Град Скопје на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Вообичаено, Филхармонија наплаќа за изнајмување на просторот за настани вон нејзината програма, а се издава бесплатно само со дозвола од Министерството за култура.

    Ова е првпат градоначалник да прави свеченост за 100 дена откако е на функција во сала која има капацитет за 890 лица и на која беа поканети актуелни функционери, градоначалници и партиски членови од ВМРО-ДПМНЕ. Сите градоначлници досега правеле прес-конференции на кои биле поканети само новинари кои поставувале прашање по излагањето на градоначлникот.

    Ексградоначалничката Данела Арсовска направи отчет во Младинскиот културен центар (МКЦ) на кој беа поканети само новинари. Нејзиниот претходник, градоначалникот Петре Шилегов, одржа отчет на прес-конференција во Град Скопје.

    Свечености за отчет во првите 100 дена немаше ниту во мандатите на на Коце Трајановски, Трифун Костовски и Ристо Пенов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира