Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и компанијата „Сетек“ потпишаа меморандум за партнерство. Компанијата ќе донира комјутери за деца без родителска грижа и млади во социјален ризик. Од Фондацијата велат дека соработката е со цел да се премости дигиталниот јаз за најранливите категории млади луѓе.
„Оваа соработка е долгорочен систем за обезбедување, сервисирање и донирање компјутерска опрема наменета за деца без родителска грижа и млади во социјален ризик. Преку ова партнерство, ‘Сетек’ ја става на располагање својата малопродажна мрежа низ Македонија како официјални точки за прием на донации. Дополнително, техничкиот тим ќе врши професионална проверка, сервис и подготовка на опремата со што се гарантира дека секој младинец ќе добие функционална алатка за учење и работa“, велат од Фондацијата.
Оттаму додаваат дека овие ресурси ќе бидат директно ставени во функција на нивните постоечки програми „Фондот за школување“ и „Патека до самостојност“. Процесот на селекција на корисниците ќе се прави во координација со ЈУ Детски дом „11 Октомври“ и со поддршка и одобрување од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Компјутерот за овие деца не е луксуз, туку прозорец кон светот и основно право на образование во 21 век“, рече Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата. Тој додаде дека со логистичката поддршка од ‘Сетек’, Фондацијата може целосно да се фокусира на претворање на тие машини во реална шанса за подобар живот.
„Дигиталната исклученост денес значи ограничена иднина. Затоа ова партнерство e многу повеќе од донација на опрема , тоа е инвестиција во потенцијалот на младите луѓе. Преку програмата ‘Патека до самостојност’ создаваме услови технологијата да стане мост кон образование, вработување и достоинствен самостоен живот“, рече Снежана Кимовска, претставник на „Сетек“.



