Македонските власти заборавија да ја одбележат 730-годишнината од изградбата на црквата „Света Богородица Перивлепта“, еден од најзначајните средновековни духовни и уметнички споменици во Охрид, за чија реставрација САД дадоа 650.000 долари. Изградена и живописана во 1295 година во стариот дел од Охрид, кај Горна Порта, „Перивлепта“ се смета за зачеток на Ренесансата на овие простори.
Позната по својот извонреден фрескоживопис и архитектура, со американскиот грант беше беше комплетно реставрирана и конзервирана во периодот од 2009 до 2016 година спасена од пропаѓање. Во 2019 ја посети и тогашниот државен секретар на САД Мајк Помпео, во рамките на официјалната посета на земјава.

Позната по својот извонреден фрескоживопис и архитектура, со американскиот грант беше беше комплетно реставрирана и конзервирана во периодот од 2009 до 2016 година спасена од пропаѓање. (Фото: СДК.МК)
„Храмот, кој е вистински бисер на византиската уметност и сведоштво за културниот подем на градот во 13 век, заслужува многу поголемо внимание од институциите и јавноста“, вели охридскиот новинар Стојан Савески коментирајќи што јубилејот помина без соодветна институционална афирмација.
Савески во чест на јубилеите ја објави книгата „Света Богородица Перивлепта – Свети Климент“ посветена на историјата, архитектурата и уметничкото богатство на црквата, што претставува значаен придонес во истражувањето и афирмацијата на нејзината вредност.
„Книгата може да се каже дека е поделена на неколку делови. Воведниот дел се однесува на црковната историја од основањето до денес, потоа е опфатен делот на фрескописот, живописот којшто го создале Михаил и Евтихиј, со што практично започнува Ренесансата“, вели Савески.
Во 1365 година од архиепископот Григориј биле подигнати два параклиси, северниот, посветен на светецот Григориј Богослов, и јужниот, посветен на Успението на Богородица. Параклисите ги работеле охридски сликари од школата на еден од тогашните најугледни уметници, Јован Теоријан, што дополнително ја зголемува историската и уметничката вредност на храмот.

Стојан Савески во чест на јубилеите ја објави книгата „Света Богородица Перивлепта – Свети Климент“ посветена на историјата, архитектурата и уметничкото богатство на црквата. (Фото: СДК.МК)
Во 1900 година, црквата привлекла и меѓународно внимание, кога од Академијата на науките на царска Русија дошле пет-шест научници за да се запознаат со етнографските карактеристики на македонскиот народ. Еден од нив, Никодим Павлович Кондаков, престојувал неколку месеци во „Перивлепта“ и бил воодушевен од она што го видел, особено од иконописните решенија. Црквата тогаш била целосно покриена со саѓе и нечистотии, и Кондаков останал да ги исчисти и да ги систематизира околу 50 вредни икони од 11 до 19 век, кои сега можат да се видат во Галеријата благодарение на неговата посветеност и грижа.
Во 1950, македонското конзерваторство преку Здравко Блажиќ добило задача да започне со откривање на фрескописот.
„За жал, по 75 години од неговото дело, се чини дека заслугите на луѓето кои придонесувале за градењето на културната историја се сѐ повеќе заборавени од колегите, од надлежните институции и од сите оние кои треба да водат грижа за постоењето на јубилеи што не можат повторно да се вратат ако бидат занемарени“, вели Савески.
Тој кажува дека во оваа црква се наоѓале вредни артефакти, а околу 80 од нив во 1916 година од бугарската војска биле однесени и до денес не се вратени.
„Се кажува дека се однесени на привремено чување во Бугарија но, за жал, до денес се останати во таа земја. Потребно е да се започне процес на реституција со цел нивно враќање“, вели Савески.
С. ВРЕНЦОВСКА



