По докажувањето на убиството со давење на првата жртва на 25-годишниот Трајко Бојковски од кумановското село Млатино, Јавното обвинителство во Куманово ја прошири истрагата под сомневање за уште едно свирепо дело.
„Меѓу 16 и 17 јануари, тој влегол во домот на жртвата и со удари по главата ја усмртил 35-годишната жена. Форензичките траги потврдија дека убиството е извршено од истото лице“, изјави денеска на брифинг обвинителот Љубомир Лапе.
Станува збор за Марија Маринковска (35) од Куманово.
Бојковски е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја убил 78-годишната Мира С.
Издадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот, како и за проверка на евентуална вмешаност на други лица, иако засега Бојковски е единствениот осомничен. Паралелно со ова, се испитува и евентуалната одговорност на полициските службеници.
Исто така, дадена е наредба за ексхумација на друго тело на постара жена, која наликува на профилот на првата жртва.
„Засега нема точна бројка на евентуални жртви. Нема потреба да се создава паника кај населението, особено кај повозрасните граѓани. Опасност од овој обвинет повеќе нема, бидејќи тој е во притвор“, апелираше обвинителот Лапе до медиумите.
Обвинителката на Куманово, Теута Рамадани, истакна дека истрагата започнала по пријавата на преживеаната жртва, по што се трага по претходни случаи.
Станува збор за 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово која благодарение на својата храброст и присебност, пред 6 месеци успеала да се спаси од убиецот.
Мотивот на сторителот сè уште не е утврден. Се чека наоди од повеќе стручни лица кои треба да извршат вештачење и да достават извештај за неговата психичка состојба. Сторителот во моментов е изолиран во ќелија во кумановскиот затвор „К’шање“.
Истрагата продолжува, особено во насока на потврдување на сомнежите дека притворениот е сериски убиец. Оваа истрага ќе трае, особено ако се потврди дека притворениот е сериски убиец.
Се испитуваат и околностите како лекарите не воочиле насилна смрт кај жртвите на осомничениот. Адвокатот на семејствата Маринковски и на 78-годишната Мира С., Александар Симоновски од Куманово, вели дека во однос на пропустите, за помладата жртва е констатирано е дека починала од природна смрт, но сега со вештачењето се покажува дека имала повреди.
С. К. ДЕЛЕВСКА



