Во мачна и тажна атмосфера, во Основниот суд Велес продолжи судењето за сообраќајката кај тунелот Катланово, на автопатот Скопје-Велес. Беа сослушани мајките на починатите Ангел Ников и Јованче Ангелов и сопругата на починатиот Димче Царев, како и четворицата тешко повредени патници, сите вработени во „Феромонт“, кои се враќале од работа од Скопје.
Сведоците не можеа да ги сопрат емоциите и солзите, навраќајќи се на кобниот 16 октомври 2024. Поради тоа, обвинителката и судиите од петчлениот кривичен совет ги ослободија од исказите за тоа што го виделе по сообраќајката. Сведочеа дека во комбето кое го управувал обвинетиот Орце Димитриев биле осуммина луѓе. Четворицата повредени на сведочењето кажаа дека имале скршеници на различни делови на телото и долго време биле на лекување.
„Јас од здобиените повреди сум доживотен инвалид. Не се сеќавам ништо на сообраќајката. Спиев по пат. Се разбудив во болница од кома по еден месец. Кога возеше обвинетиот Орце, возеше брзо, постојано“, кажа Зоранчо Спиров.
„На враќање дома во Велес сега починатиот Ангел седна да вози, но Орце дојде, го скорна, рече јас ќе возам и седна тој да вози. Потоа сум заспал, но чувствував шетање на комбето лево-десно и кога се разбудив, видов трогателна глетка“, кажа сведокот Бојан Петков.
Третиот сведок, патник во комбето Николче Николовски, бил буден попат.
„Попат комбето мина колона војнички возила и бевме сами на патот на делот каде што се случи сообраќајката, пред тунелот. Почна возилото да шета лево-десно, имаше нагло кочење, не можеше да го контролира, па удри во десната банкина. Потоа се онесвестив, а кога се освестив, глетката беше морничава и потресна“, рече Николовски.
Венчаслав Здравковски беше последниот сведок.
„Вообичаено спиев попат, но кога доаѓавме на делницата кај тунелот, поради брзото возење на Орце, комбето се занесуваше по коловозот и јас се будев. Така беше и критичниот ден. Вообичаено починатиот Ангел возеше кон Скопје, а Орце кон Велес. Имало денови и кога јас сум возел. Тој ден се слушна чкрипење и потоа удар во карпата на десната страна“, сведочеше Здравковски.
Оштетените мајки и сопруга на починатите побараа Димитриев да се гони кривично и најавија барање на отштета. Истото го сторија и тројца од четворицата тешко повредени колеги на обвинетиот, еден од нив сметаше дека доволна ќе му биде отштета од осигурителната компанија и не бараше кривично да се гони Димитриев.
Адвокатите на обвинетиот Димитриев, Тоше Тошевски и Борче Стојанов, рекоа дека вината е во фирмата, а не во возачот. Го прашаа Спиров дали реагирал кај некого од фирмата за брзото возење, а тој одговори потврдно, и тоа во неколку наврати. Кажа дека во фирмата немало вработено возач, па комбињата од Штип и Куманово, како и тоа од и до Велес, го возеле вработени. Ги прашаа сведоците, патниците во возилото, дали биле врзани, на што одговорија дека во комбето имало сигурносни каиши на возачкото место и на средните седишта, а на другите немало. Сведокот Петков беше прашан дали знае во кое својство бил вработен обвинетиот Димитриев во фирмата „Феромонт инженеринг“ од Скопје, а одговорот беше „и возеше и работеше“.
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 во 17:35 часот на автопатот Скопје-Велес, кај тунелот кај Катланово. Обвинетиот управувал возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички, со кое ги превезувал работниците од работа до дома во Велес. Орце Димитриев од Велес, како обвинет, не признава вина за кривичното дело за кое се товари „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, за кое обвинителството смета дека е сторено со умисла.
П. ПЕЧКОВ



