СКОПЈАНЕЦ ОСОМНИЧЕН ДЕКА ПОТТИКНАТ ОД БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН ШИРЕЛ ОМРАЗА КОН МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА И ИДЕНТИТЕТ

    СКОПЈАНЕЦ ОСОМНИЧЕН ДЕКА ПОТТИКНАТ ОД БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН ШИРЕЛ ОМРАЗА КОН МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА И ИДЕНТИТЕТПо претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полицијата изврши претрес и одзеде пропаганден материјал што 30-годишниот скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Скопјанец е осомничен дека ширел омраза кон македонската држава и идентитет, соопшти Обвинителството. Од таму велат дека скопјанецот на ваквите активности бил поттикнат од бугарски државјанин, кој подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство.

    Против него Скопското основно јавно обвинителство оформи предмет за кривично дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик. Постапено е по поднесена кривична пријава од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во Бирото за јавна безбедност (БЈБ) на Министерството за внатрешни работи (МВР).

    „Осомничениот, преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук, споделувал содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација со што поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет. По претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршија претрес и одзедоа пропаганден материјал што 30-годишниот скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава. Јавното обвинителство, во соработка и со координација со другите надлежни органи, продолжува да презема дејствија за обезбедување докази“, соопшти Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира