ИДЕНТИТЕТСКИТЕ ВРСКИ НЕ СЕ МЕНУВААТ СО ДЕКРЕТ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ БЛАГОЈ НАЦОСКИ ВО ГОЛЕМО ИНТЕРВЈУ ВО ИТАЛИЈА

    ИДЕНТИТЕТСКИТЕ ВРСКИ НЕ СЕ МЕНУВААТ СО ДЕКРЕТ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ БЛАГОЈ НАЦОСКИ ВО ГОЛЕМО ИНТЕРВЈУ ВО ИТАЛИЈА„Името 'Македонија' за мене е спомен, семејство, јазик, детство, корени. Тоа е нешто емотивно и културно, пред да биде институционално“, вели Нацоски за „Ла Платеа“. (Фото: Џ. Орландо)

    Идентитетските врски не се менуваат со декрет, вели македонскиот тенор со меѓународна кариера Благој Нацоски во обемното интервју во 3 дела за италијанскиот магазин за театарска култура „Ла Платеа“. Нацоски, кој живее во Италија, на настапува на бројни сцени низ светот, во интервјуто „Ла Платеа“ го претставува како „пејач со значајна кариера, со исклучително интересен глас по боја, обем и стабилност на високите тонови; со многу цврста техника и богата палета на нијанси“.

    „Никогаш не се навикнав на ‘новото’ име на мојата земја, на додавањето на ‘Северна’, и веројатно никогаш нема ни да се навикнам… Тоа не е националистичка позиција – никогаш не сум имал такви пориви; напротив, се чувствувам длабоко европски, а пред сè човечки“, вели Нацоски во интервјуто. (Фото: М. Аргакијева)

    „На тоа се надоврзуваат и впечатлива, речиси скулпторска појава и сценска харизма со ретка сила. Претставува рафиниран интерпретатор, способен за исклучително интензивни читања, и на оперската сцена и во камерната музика, кој со сигурност и компетентност преминува од Моцарт до современа музика“, вели „Ла Платеа“ и додава дека многу композитори имаат пишувано музика токму за него, а многумина во него го нашле својот идеален интерпретатор. Меѓу нив е и Џо Ckитино, кој го наведе Нацоски идеален интерпретатор за улогата во делото „Непромислената девојка“ чија светска премиера беше во октомври во Трапани.

    На прашањето дали е тешко да се одржуваат две кариери што се развиваат паралелно во две различни земји, Нацоски вели дека да се дели професионалниот ангажман меѓу Италија и Македонија е предизвик, но во исто време и исклучително збогатувачко искуство.

    „Станува збор за две различни средини, со свои културни и продукциски динамики, и движењето меѓу нив бара енергија, приспособливост и извесна дисциплина. Во Македонија, меѓутоа, се случи нешто што не го очекував во таа мера: стекнав многу поголема популарност меѓу луѓето отколку што можев да замислам. И морам да бидам искрен – никогаш целосно не се навикнав на тоа. Сè уште ми се случува некој да ме препознае во супермаркет или на гејтот на аеродромот и да запре сè за една фотографија… ситуации што ги доживувам со благодарност, но и со извесна непријатност, бидејќи по природа сум прилично резервирана личност. Одредена видливост, секако, ласка, но понекогаш за мене е и малку ‘премногу’. Постои и еден подлабок, поинтимен аспект, поврзан со мојот идентитет. Никогаш не се навикнав на ‘новото’ име на мојата земја, на додавањето на ‘Северна’, и веројатно никогаш нема ни да се навикнам – всушност, ви благодарам што не го користите. Тоа не е националистичка позиција – никогаш не сум имал такви пориви; напротив, се чувствувам длабоко европски, а пред сè човечки. Но името ‘Македонија’ за мене е спомен, семејство, јазик, детство, корени. Тоа е нешто емотивно и културно, пред да биде институционално. Поголемиот дел од македонските граѓани таа промена ја доживеаја со одбивање, некои со тешкотија, други со резигнација. Јас ја доживувам со одредена внатрешна дистанца – не од полемика, туку затоа што одредени идентитетски врски не се менуваат со декрет. Ќе продолжам да ја нарекувам мојата земја едноставно Македонија, како што отсекогаш сум правел и како што ја чувствувам. Не за да негирам нешто, туку за да останам верен на една колективна и лична меморија на која не ѝ се потребни придавки. Титулата Амбасадор на културата ја доживувам токму во таа смисла: не како политичко претставување, туку како културна и човечка одговорност. Да се носат во светот музиката, јазикот и чувствителноста на мојата земја – без оглед на името што некој ќе избере да го користи за мене останува чест и должност. И ако постои форма на ‘патриотизам’ со која се поистоветувам, тоа е онаа што обединува, а не онаа што дели: заштитата на културата, достоинството и меморијата на еден народ“, вели Нацоски во интервјуто насловено „Благој Нацоски: Автентично уметник“.

    Нацоски ни кажа дека неговиот најнов настап ќе биде во Верона, каде ќе ја пее улогата на Доктор Кајус во Вердиевиот „Фалстаф“, неговата последна и единствена комична опера, работена по Шекспир. Оваа опера се подготвува за зимската оперска сезона на „Арена ди Верона“, која ќе одвива во Театро Филармонико.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира