Општина Струга на аукција ќе го продава „аудито“ на бившиот градоначалник Рамиз Мерко по почетна цена од 1.344.636 денари (21.800 евра). Проценката за вредноста на автомобилот ја дал овластен експерт, а наддавањето ќе се одржи електронски на 16 март.
„Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот“, велат од Општина Струга.
Градоначалникот Менди Ќура вели дека ниту еднаш не ги користел автомобилите од возниот парк на Општина Струга, со цел максимална рационализација на високите трошоци создадени низ годините.
Општина Струга го купи луксузното „ауди А6“ за 67.000 евра, а тогашниот градоначалник Мерко беше обвинет за злоупотреба на службената положба оти го набавил автомобилот во време кога Општината била со блокирана сметка. Судот донесе ослободителна пресуда поради непостоење основ за кривична одговорност.
С. ВРЕНЦОВСКА



