Нема да поскапи паркингот на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ откако ќе се изградат катните гаражи, кажа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот и министерот за здравство Азир Алиу денеска го потпишаа договорот, откако на 10 февруари на Влада помина одлуката за давање под закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплексот.
Алиу рече дека договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга со најмалку 500 места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година.
„Наредната недела в четврток правиме ребаланс на буџетот и една од точките ќе бидат токму овие монтажни паркинзи. Во првата фаза ќе бидат изградени два во Клиничкиот центар, со околу најмалку 500 паркинг места за почеток. Доколку состојбите покажат дека има потреба од дополнителни паркинг места, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Тоа ќе биде генерално решавање на хаосот што владее со години во Клинички центар. Ќе потенцирам, пациентите ќе ги користат овие паркинзи по истите цени и по повластени услови. Но, ќе го решиме генерално хаосот што со години владее овде“, кажа Ѓорѓиевски.
Двата монтажни паркинга ќе се градат кај Клиниката за гинекологија (од левата страна на влезот) и на големиот простор кај малата црква, односно кај хелиодромот. Алиу претходно најави дека катна гаража ќе се гради и на местото на поранешната ковид-болница до Инфективната клиника, но Ѓорѓиевски денеска кажа дека просторот засега ќе се уреди и ќе остане како опција за монтажна гаража во иднина. Доколку се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни станари, ќе се дозволи и таква опција.
Ѓорѓиевски рече дека по ребалансот на буџетот веднаш ќе биде распишана тендерска постапка, која ќе значи проектирање и изведба. Операторот што ќе го добие тој проект ќе треба да го проектира и да го заврши во временски рок што ќе го утврдат во соработка со Министерството за здравство.
„Но, за разлика од досега, ќе имаме нов систем за евиденција, но и нов систем за наплата, преку кој точно би се вршела детекција на слободни места, полесен би бил пристапот и би се намалиле дополнителните нервози кај граѓаните кои доаѓаат овде“, додаде тој.
Проектирањето и имплементацијата на ваков систем ќе бидат обврска на избраниот оператор.
- ДО ЈУНИ ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ КАТНИТЕ ГАРАЖИ НА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ РЕЗЕРВИРА МЕСТО ПРЕКУ АПЛИКАЦИЈА, НАЈАВИ АЛИУ
- ПРВО ДА ГИ ОБЕЛЕЖИМЕ ПАРКИНГ МЕСТАТА НА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, ПА ЌЕ НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУ
- ПАРКИНГОТ НА КЛИНИЧКИ НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ФИРМАТА „ЃОКА“ ОД АЛБАНИЈА, ПОНИШТЕН Е ОГЛАСОТ
Б. НЕСТОРОСКА



