ПО КАТАР И КУВАЈТ, И БАХРЕИН ПРОГЛАСИ ВИША СИЛА ЗА ИСПОРАКА НА ЕНЕРГЕНСИ ПОРАДИ ИРАНСКИТЕ НАПАДИ

    ПО КАТАР И КУВАЈТ, И БАХРЕИН ПРОГЛАСИ ВИША СИЛА ЗА ИСПОРАКА НА ЕНЕРГЕНСИ ПОРАДИ ИРАНСКИТЕ НАПАДИИран ја нападна единствената нафтена рафинерија во Бахреин

    Бахреин е третата заливска држава која прогласи состојба на виша сила за испораките на енергенси, откако Иран ја нападна единствената нафтена рафинерија во оваа земја. Најмалку 32 луѓе се ранети во денешниот напад со дронови врз Бахреин, а густ чад се издигнува од правецот на рафинеријата на државната енергетска компанија „Бапко“.

    „Прогласуваме виша сила за операциите на нашата група, кои беа погодени од тековниот регионален конфликт на Блиски Исток и нападот врз нашиот рафинериски комплекс“, соопшти „Бапко“.

    Прогласување виша сила значи активирање на договорна клаузула која ги ослободува страните од одговорност во случај на вонредни и непредвидени настани кои се надвор од нивна контрола. На тој начин се избегнуваат големи парични казни и тужби за надомест на штета поради неисполнување на обврските.

    Нафтената корпорација на Кувајт прогласи виша сила на 7 март и го намали производството на нафта поради блокадата на Ормускиот Проток, додека „Катар енерџи ЛНГ“ ги запре операциите во своите постројки за течен природен гас на 2 март и два дена подоцна прогласи виша сила. Катар е најголемиот производител на течен природен гас во Заливот и придонесува со 20% во светскиот извоз на овој енергенс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира