ВО КОЧАНИ ТРИ ДЕНА ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ГОДИШНИНАТА ОД ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ ВО КОЈ ЗАГИНАА 63 ЛИЦА

    ВО КОЧАНИ ТРИ ДЕНА ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ГОДИШНИНАТА ОД ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ ВО КОЈ ЗАГИНАА 63 ЛИЦАНа 16 март во 2:15 часот пред дискотеката „Пулс“ ќе се одржи настан насловен „Светлина што останува“. (Фото: СДК.МК)

    Родители, роднини, пријатели и жители на Кочани на 16 март во 2:15 часот ќе се соберат пред дискотеката „Пулс“, каде во пожарот пред една година загинаа 63 лица. Овој настан насловен „Светлина што останува“ е дел од програмата за одбележување на годишнината од трагедијата која ја организираат Општина Кочани и родителите на загинатите деца.

    Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, апелираше до граѓаните во текот на тридневното одбележување на најголемата трагедија на Кочани да се воздржат од излегување на улица со автомобили, со цел странските делегации да можат слободно да се движат низ градот.

    „Апелирам до јавниот и до приватниот сектор во градот да ги ослободат вработените од работните обврски, за да може сите заедно на достоинствен начин да им оддадат почит на жртвите“, рече Грозданов.

    Содржините од одбележувањето на годишнината ќе се одржат од 14 до 16 март на различни локации. Одбележувањето ќе почне в сабота со богослужба во храмот „Свети Георгиј“. Во 10:45 часот на Градските гробишта ќе биде одржано опело за жртвите.

    На 15 март во 9 часот ќе се одржат рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип-Кочани, а во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на Пониква. Во 10 часот во спортската сала кај гимназијата во Кочани ќе се одржи кошаркарски турнир помеѓу повредените во трагедијата.

    Во Центарот за култура „Бели мугри“ во 13:30 часот ќе биде прикажан музичко-балетски перформанс насловен „Кочани ви благодари“, по што следува концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Во 17:30 часот во еден од салоните на „Бели мугри“ ќе биде промовирана книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска.

    На 16 март во 2:15 часот пред дискотеката „Пулс“ ќе се одржи настан насловен „Светлина што останува“, а во 7 часот ќе почне трката Свети Николе-Штип-Облешево-Кочани. Во Паркот на револуцијата во Кочани во 8:45 часот ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, со муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите. Во 9 часот е предвиден прием на гости и делегации во Општината, а во 10 часот ќе се одржи молитва за упокоените. Комеморацијата „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ ќе се одржи во 10:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“. Во 12:30 часот ќе се отвори меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, со што ќе заврши тридневното оддавање почит кон загинатите во пожарот во кочанската дискотека.

    Владата денеска соопшти дека за годишнината на пожарот во „Пулс“ на 14 март ќе ја организира меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На оваа конференција најавено е присуството на 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествуваа во лекувањето на пациенти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира