Жителите на Струга добија сметки за вода за месец февруари иако не ја користеа водата од градскиот водовод поради заматеност која беше и забранета за користење поради тоа. Советот на Општина Струга донесе одлука Општината да ги преземе обврските на граѓаните по основ на фактурите за вода за месец февруари, но и покрај тоа сметките стигнаа на домаќинставата.
Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, Јованчо Мечкароски, вели дека одлуката следела откако веќе биле испорачани сметките.
„Сметките се испорачуваат од први до десетти во месецот, а одлуката беше после тоа. Одлуката не е излезена во Службен весник и не е доставена до нас. Треба да ни достават и на кој начин ќе ги обесштетиме граѓаните, дали еднократно или месечно ќе им се одбива од сметките“, вели Мечкароски.
Според него, со ваквата одлука се ставаат во нерамноправна положба граѓаните кои редовно плаќаат сметки со оние кои не платиле ниту една сметка, а најголем проблем е што со одлуката се опфатени и фирмите кои остваруваат голем профит.
„На седницата на Советот кажав дека се ставаат во нерамноправна положба граѓаните кои плаќаат сметки наспроти оние кои не плаќаат, а тука ги ставаме и правните лица кои остваруваат економски профит и имаат сметки од 50.000, 60.000 па и 100.000 денари. Исто така, како Општина сме огромна и има делови кои се снабдуваат од други водоснабдителни системи, па со оваа одлука тие индиректно ќе платат дупло“, вели Мечкароски.
Вкупните обврски кои ги презеде Општината за сметки за физички и правни лица за месец февруари се околу 9 милиони денари (над 145.000 евра), а моменталниот долг на ЈП „Водовод и канализација“ Струга е 300 милиони денари (над 4,8 милиони евра).
Адвокатот Бесник Асани вели дека граѓаните кои ја платиле февруарската сметка имаат основ за тужба за надомест на материјална штета поради неисполнување на договорни обврски, испорака на исправна вода за пиење.
Според него, граѓаните уредно и навремено ги подмирувале своите месечни сметки за вода кон ЈП „Водовод и канализација“ Струга, а во месец февруари им била испорачана сметка за вода која не ги исполнува законските стандарди за безбедна вода за пиење.
„Во наведениот период водата беше неупотреблива за пиење и претставуваше ризик по здравјето. Тоа е недвосмислено утврдено преку стручно вештачење направено од универзитетски професори, а притоа се наплаќа тарифа за исправна вода за пиење. Доказ за тоа е стручно вештачење за квалитетот на водата изготвено од Универзитет ‘Св. Кирил и Методиј’ од 15.02.2026 година“, вели Асани.
Тој вели дека граѓаните имаат право на надомест на материјална штета оти купувале вода за пиење со што се изложиле на дополнителни трошоци.
- ВЛАДАТА ДА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО СТРУГА ПОРАДИ ЗАГАДЕНАТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, БАРААТ СТРУЖАНИ
- ДВЕ КОМПАНИИ КОИ ИСКОПУВАЛЕ КАЈ ИЗВОРИТЕ ВО ШУМ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОДАТА ВО СТРУГА, ИТНА САНАЦИЈА И КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ БАРА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌУРА
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ГО ИСПИТУВА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО СТРУГА
Врз основа на анализата на примероците од водата од изворот Шум, со кои е утврдено е дека вредноста на матноста е во граница на нормалата, забраната за употреба на вода за пиење се укина на 6 март.
Надлежните велат дека состојбата ќе продолжи внимателно да се следи. Во наредниот период ќе се врши редовно земање примероци од водата со цел да се контролира нејзиниот квалитет и безбедноста на водоснабдувањето.
Основното јавно обвинителство Струга води постапка за утврдување евентуални пропусти или незаконски активности што довеле до загадувањето на водата.
Градоначалникот на Струга Менди Ќура, на вонредна седница на струшкиот Совет на 19 февруари поднесе извештај за преземените активности во врска со актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум и тешката состојба што ги остави стружани без питка вода од градскиот водовод. Кажа дека според експертите, главниот причинител за проблемот е човечки фактор.
„Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании, низ годините, се евидентни и многу веројатно се главната причина за настанатата штета. Таму има длабоки ископувања и оштетувања што тешко ќе можат да се санираат. Досега утврдивме дека штетата е дополнително зголемена, бидејќи не е преземено ништо за заштита на овој природен ресурс“, рече Ќура.
С. ВРЕНЦОВСКА



