Обезбедувањето на дискотеката „Пулс“ морало да реагира и да не дозволи присуство на малолетници во објектот, кажа на денешното судско рочиште Верица Милевска-Стефановска, претседателка на Комората за приватно обезбедување.
„Со оглед на фактот дека конкретно во вакви објекти мора да се почитуваат и други закони, на видно место поставени табли, кои предупредуваат дека не е дозволено присуство на малолетници, обезбедувањето морало да реагира или во најмала рака да го извести сопственикот на објектот“, рече Милевска-Стефановска.
За ингеренциите при влез во објектите, претседателката на Комората рече дека работникот има право да изврши преглед и да реагира ако затече општо опасно средство, но сепак рече, зависи од договорот.
На прашањето за присуство на малолетници во угостителски објекти по полноќ, Милевска-Стефановска кажа дека обезбедувањето има обврска да реагира.
На прашања на Обвинителството, Милевска-Стефановска појасни дека Министерството за внатрешни работи (МВР) издава дозвола за вршење дејност врз основа на строго утврдени законски критериуми. Физичкото обезбедување, појасни, опфаќа телесна заштита, мониторинг, патролно обезбедување, како и обезбедување јавни собири и спортски настани.
„За да може компаниите да работат во секторот приватно обезбедување, МВР врз основа на одредени законски критериуми ќе даде дозвола за вршење дејност во вид на давање услуги за физичко и техничко обезбедување или за сопствени потреби и откога правното лице ќе ја добие дозволата, има законски рок од шест месеци да почне да работи во дејноста, а кога ќе ги стави лицата во работен однос, мора во рок од 30 дена да поднесе легитимации за обезбедување. Лиценцата на работникот за обезбедување е еден од условите за да може да работи, тоа значи дека е едуциран, но јавните овластувања работникот ќе ги врши со легитимација“, кажа сведокот Милевска-Стефановска.
Таа додаде дека за давање услуга за физичко обезбедување законскиот минимум е 15 работници со легитимации, за техничко обезбедување се потребни три, а за обезбедување сопствени потреби минимумот е десет работници. Дејноста, како што нагласи, е од јавен интерес според законските одредби.
Осврнувајќи се на правниот основ за ангажман, Милевска-Стефановска кажа дека секое правно лице задолжително го склучува договорот со корисникот на услугата исклучиво во писмена форма.
„Само во случај кога се ангажирани пет или повеќе работници, правното лице што ја дава услугата мора да изработи план за обезбедување и да го поднесе до полициската станица на чие подрачје се одржува настанот. Во законот не постојат точно пропишани правила за бројот на работници што треба да се ангажираат, туку тоа е предмет на договорна услуга во зависност од видот на објектот и безбедносната процена“, кажа Милевска-Стефановска.
На прашањето дали употребата на пиротехника претставува безбедносен ризик, сведокот одговори потврдно, по што судот не дозволи дополнително прашање за тоа дали лицата што ја користат треба да имаат посебна едукација. Според досегашните наводи во јавноста, токму искрите од пиротехничките средства биле причина за брзото ширење на огнот во дискотеката.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година и во него загинаа 63 лица, а 200 беа повредени. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители. Обвинети се 35 лица и три правни лица.



